Во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, Мрежата за заштита од дискриминација повторно го актуелизира „Ѕидот на срамот“, овојпат упатувајќи јавни прашања до претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски.
Од здружението бараат Милошоски јавно да одговори зошто предложените измени на Законот за заштита и спречување од насилство, подготвени од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи и експерти, сè уште не се усвоени.
Според пораката на кампањата, измените биле поднесени на 26 август, а во 2026 година се регистрирани седум фемициди. Од МЗД прашуваат дали предложените законски решенија се оценуваат како премногу „прогресивни“ и дали Милошоски лично го блокира нивното усвојување.
Здружението посочува дека европската интеграција не подразбира само декларативни заложби, туку и унапредување на родовата еднаквост, заштита на човековите права и ефикасно справување со родово базираното насилство.
Во соопштението се повикуваат и на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој, како што наведуваат, антиродовите наративи се посочени како една од причините за системските пропусти во справувањето со родово базираното насилство.
„Европските вредности се докажуваат со политички одлуки и конкретни постапки“, порачуваат од МЗД, барајќи јавни одговори и политичка одговорност од потпретседателот на Собранието.

