Пијанистката Огненка Герасимовска-Димитровска вечерва ќе одржи јубилеен солистички концерт во Музејот на ВМРО во Скопје. Концертот е посветен на 25 години концертна дејност — уметнички пат исполнет со солистички и камерни настапи, меѓународни соработки и посветеност на македонското музичко творештво.
Како гостинка на концертот во изведба на четирирачно пијано ќе настапи и пијанистката Викторија Митеска-Малезан.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Герасимовска-Димитровска е македонска концертна пијанистка, педагог и истражувачка во областа на музичката интерпретација. Дипломските и магистерските студии по пијано ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов, со највисок просек и признание cum laude. Докторира во областа на музичките уметности под менторство на проф. д-р Томе Манчев и проф. Волфганг Манц од Нирнберг.
Нејзината концертна дејност опфаќа бројни настапи во земјата и во странство, меѓу кои во Лондон, Рим, Виена, Истанбул, Леон, Хаг, Утрехт, Нирнберг и Белград. Настапувала на фестивалите „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Интерфест Битола“, „Есенски музички свечености“ и „Денови на македонската музика“. Како солистка соработувала со Македонската филхармонија и со Истанбулскиот камерен оркестар, а камерната музика зазема значајно место во нејзиниот репертоар и уметничките соработки. Добитничка е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија.

