Неколку згради во Њујорк беа евакуирани во вторникот додека полицијата истражуваше сомнителен пакет во близина на Источната 43-та улица и Третата авенија на Менхетен – на само неколку блокови од седиштето на Обединетите нации, каде што во моментов се одржува Генералното собрание на ОН.
Полициската управа на Њујорк (NYPD) го затвори просторот меѓу Источната 42-ра и Источната 44-та улица, во потегот од Втората до Лексингтон авенија, и апелираше до јавноста да ја избегнува околината на Источната 43-та улица и Третата авенија поради затворените патишта и можните доцнења во сообраќајот, објави „Фокс њуз“.
Според непотврдени информации, сомнителниот предмет можеби бил куфер оставен без надзор.
Полицијата потврди дека биле спроведени евакуации на згради, но не прецизираше колку објекти биле евакуирани.
Улиците беа повторно отворени откако заврши операцијата; полицијата одби да соопшти детали за сомнителниот пакет, вклучително и за неговата конкретна локација и содржина.
Инцидентот се случи за време на Генералното собрание на ОН, настан на кој присуствуваат бројни светски лидери. Претседателот на САД, Доналд Трамп, во вторникот се обрати пред Генералното собрание и одржа неколку билатерални средби со странски функционери.
Илјадници униформирани полицајци од NYPD се распоредени во и околу седиштето на Обединетите нации за време на заседанието на Генералното собрание на ОН, а ангажирани се и специјализирани единици, изјави денеска полициската комесарка Џесика Тиш.
Обраќајќи се на брифинг за безбедност заедно со градоначалникот на Њујорк, Зоран Мамдани, Тиш истакна дека оваа недела во градот се очекува да пристигнат речиси 200 странски функционери, пренесе Си-Ен-Ен.

