Кинотека на Македонија ќе ја одбележи десетгодишнината од смртта на Дарко Марковиќ, еден од најзначајните македонски карикатуристи, аниматори и автори на анимирани филмови, со специјална ретроспективна проекција на десет негови кратки анимирани филмови.
Дарко Марковиќ (1940–2016) остави длабока и препознатлива трага во македонската визуелна култура, карикатурата и анимацијата. Со својот автентичен авторски израз, прониклив хумор, сатира и критички поглед кон општеството, тој создаде дела што и денес ја задржуваат својата уметничка вредност и актуелност.
Неговото творештво претставува значаен дел од историјата на македонската кинематографија и развојот на анимираниот филм. Преку едноставни, но моќни визуелни решенија, Марковиќ ги истражуваше човековата природа, општествените противречности, апсурдот на секојдневието и универзалните прашања на човековото постоење. Неговиот препознатлив цртеж и специфичен хумор создадоа единствен филмски јазик во кој карикатурата прераснува во подвижна слика, а сатиричниот коментар во универзална уметничка порака.

