Скопје доби пет нови мини библиотеки под отворено небо, поставени на фреквентни локации низ градот. Станува збор за донација од издавачката куќа „Сакам книги“, преку која европските книжевни приказни им стануваат бесплатно достапни на сите граѓани.
Книгите може слободно да се позајмат, прочитаат и да се вратат на истото место за да продолжат да патуваат од читател до читател. Населбите во кои мини библиотеките ќе бидат совесно користени и зачувани, периодично ќе добиваат и нови наслови.
Мини библиотеките се поставени на Средно Водно, во Градскиот парк во близина на „Номад кафе“, во Парк Македонија спроти „Веро“ – Тафталиџе, во паркот во Ѓорче Петров во близина на фонтаната и во паркот „Авионче“ во Аеродром.

Оние населби во кои граѓаните совесно ќе ги користат мини библиотеките, ќе ги чуваат книгите и ќе ги враќаат откако ќе ги прочитаат, ќе добиваат и нови приказни. Издавачката куќа „Сакам книги“ периодично ќе ги освежува добро зачуваните библиотеки со нови наслови, со што нивниот избор постојано ќе расте, а до читателите ќе стигнуваат нови европски автори и дела. Колку повеќе се грижиме за книгите, толку повеќе книги ќе има за целата заедница.
Мини библиотеките се дел од проектот „Со љубов, од Европа“, кој „Сакам книги“ го реализира во рамките на програмата „Креативна Европа“. Проектот ја приближува современата европска книжевност до македонските читатели преку превод и објавување дела напишани на помалку користени јазици и од автори кои првпат се преведуваат на македонски јазик.

