дома Култура МСУ е изграден на темели на љубов, солидарност и колективен труд

МСУ е изграден на темели на љубов, солидарност и колективен труд

58

Во 1964 година,по катастрофалниот земјотрес,  визијата за Скопје не беше само да се обнови, туку и да се претвори во модерен, современ град. Планот на јапонскиот архитект Кензо Танге за новото Скопје беше концептуализиран како почеток на една нова иднина, а изградбата на Музејот на современата уметност беше симболично отворање кон иднина, како ветување за реализација на утопистичкиот елан и како очекување за иднината.

Над 35 земји, вклучувајќи ја и Владата на Република Полска, учествуваат во обновата на Скопје. Владата на Полска понуди концепциски проект за изградба на објект од јавен интерес, со фокус на Музејот на современата уметност. Изградбата на музејот, кој ќе доминира над градската панорама како средишен споменик и симбол на светската солидарност во обновата на Скопје, беше избрана како проект. Замислата е музејот да се подигне на највиската точка во срцето на градот, видлив од секаде, и да се вклопи во конфигурацијата на скопското Кале. Зградата на МСУ е извонреден пример на архитектурата на доцниот модернизам и потсетник на после земјотресната обнова на Скопје.

Полските архитекти Јежи Мокшињски, Вацлав Клишевски и Еугењуш Вјежбицки, познати под псевдонимот „Тигри“ го работат МСУ

На 13 ноември, 1970 со говор на Блаже Конески ќе биде отворен новиот објект на Музејот на современата уметност кој го познаваме денес,  а тој меѓудругото ќе рече:

Блаже Конески на отворањето на МСУ

„ …И така, уште пред да почне да се ѕида оваа зграда, таа беше создавана од невидливите нишки на симпатија и човечка солидарност, како залог за иднината на човештвото. Длабоко е чувството на нашата благодарност спрема сите оние што уште повеќе со дух и срце, отколку со материјалниот придонес, ја создавале оваа зграда и овој дом на уметноста. Длабоко е нашето чувство на одговорност спрема самата идеја на братство и солидарност меѓу луѓето во нашата земја и во целиот свет. Една ваква зграда се прави за широка комуникација со светот. Таа не е забутана во балканско сокаче, ами е исправена на овој брег откаде што со еден широк поглед се опфаќа и старото и новото Скопје и широките предели наоколу. Во вакви светли зданија нема место за лилјаците на еснафштината и не треба да има катчиња, каде што ќе можат да се бесат. Вакво здраво тело бара здрав дух. Од таков дух тоа е зачнато – од чувството за соработка и солидарност во културната акција за утврдување на човечките вредности. Како бел лебед нека се раскрилува оваа зграда на мирниот брег на градот Скопје“.

На повикот до светски познатите уметници да донираат дела, меѓу првите се пријавил Пикасо, кој донирал дело за МСУ – Скопје, а по него и многу други: Дејвид Хокни, Виктор Вазарели, Александар Калдер, Кристо и Жана-Клод, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури…  Во знак на солидарност, пристигнувале вредни подароци во МСУ од целиот свет. Денес, колекцијата од над 5.300 дела е збир на важни личности од историјата на уметноста, од Украина до Јужна Африка, од Чиле до Нов Зеланд.

Во првите години по отворањето на МСУ, многу познати личности го посетија новиот објект.

Свој придонес во надополнувањето на уметничката колекција, даде и Јосип Броз Тито, кој во 1968 година му подари дело од хрватскиот уметник Крсто Хегедушиќ. Подоцна во 1972 година со неговата сопруга Јованка беа во посета на МСУ, каде беа пречекани од тогашниот директор на музејот др. Борис Петковски и кураторскиот тим на музејот во тоа време.

Кралот Бодуен и кралицата Офелија во посета на МСУ

Белгискиот крал Бодуен и кралицата Фабиола, летото 1973 година, го посетија МСУ. Како големи познавачи на ликовната уметност, со огромен интерес ги разгледале изложените дела, воодушевувајќи се на новоотворениот објект.

Руската космонаутка Валентина Владимировна Терешкова, исто така го има посетено Музејот на современата уметност Скопје, каде има оставено нејзин фотографски портрет со авторски потпис и се има потпишано во книгата за впечатоци.

Таа е првата жена во вселената, која со вселенскиот брод „Восток 6“ на 16 јуни 1963 година, до 19 јуни 1963 година ја обиколи Земјата 48 пати, поминувајќи 1.960.000 километри, откако го поминала процесот на селекција меѓу повеќе од 400 жени, кои се пријавиле за летот.

И Раул Кастро, помладиот брат на Фидел Кастро го има посетено Музејот на современа уметност и уште многу други.

Раул Кастро во посета на МСУ

Сè уште денес, Музејот на современата уметност (МСУ) го носи во наследство концептот на солидарност, што вклучува практикување и споделување на оваа вредност преку отвореност и дијалог. Тоа значи работа која не е само базирана на настани, туку и на процеси, користејќи стратегии што одговараат на начинот на кој современите уметници работат денес.

ПредходнаСВР Тетово апелира да не се палат отпад, меѓи и стрништа-Пожарите зачестија, ќе има контроли
СледнаМета ги избриша профилите на Инстаграм и Фејсбук на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи