дома Uncategorized Проукраински демонстрации низ Европа на двегодишнината од почетокот на војната

Проукраински демонстрации низ Европа на двегодишнината од почетокот на војната

16

  Илјадници луѓе се собраа денеска во поддршка на Украина во градовите низ Европа, на втората годишнина од почетокот на руската инвазија врз земјата.

Со транспаренти на кои пишуваше „Русија надвор од Украина“, демонстрантите ја изразија својата поддршка, иако релативно мал дел од јавното мислење верува во победата на Киев, пренесува Бета.

Во Германија, околу 5.000 луѓе се собраа во Берлин носејќи украински знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Брани ја Украина“ и „Вооружи ја Украина сега“.

Собири се одржаа и во Келн, Франкфурт, Минхен и Штутгарт.

Во Франција неколку илјади луѓе се собраа во неколку градови во знак на поддршка на Украина, а демонстрантите извикуваа „Путин е убиец“ и „Русија надвор од Украина“.

Собири се одржаа во Париз, Лил, Руан, Ница и Тулуз каде демонстрантите носеа големо жолто-сино украинско знаме. Покрај солидарноста, многумина изразија и загриженост, бидејќи на украинските сили им недостига оружје и муниција.

Во Лондон неколку илјади луѓе пешачеа од Хајд Парк до плоштадот Трафалгар носејќи украински знамиња.

Во Стокхолм, исто така, имаше неколку илјади луѓе собрани под слоганот „Русија надвор од Украина“.

Собир се одржа и во Белград со присуство на неколку стотици луѓе, а го предводеше украинскиот амбасадор во Србија, Володимир Толкач.

Во Италија неколку стотици луѓе учествуваа на митинг во Милано под слоганот „Победа за мир“, на иницијатива на проукраински здруженија.

Во Грција околу 400 луѓе се собраа во центарот на Атина.

И покрај поддршката, европските граѓани се песимисти во врска со шансите на Украина да победи во војната против Русија.

Според истражувањето на Европскиот совет за меѓународни односи, само десет отсто од испитаниците веруваат во победа на Украина.

Околу 20 отсто сметаат дека Русија ќе победи, додека 37 отсто веруваат дека војната ќе заврши со некаков компромис.

ПредходнаЕУ цврсто ќе стои зад Украина до нејзиното конечно ослободување
СледнаБајден: Америка одново го води човештвото на Месечината