дома Избрано Гревот на проштевањето

Гревот на проштевањето

8

Израснат сум, како и повеќето домицилни жители на оваа држава, во христијанската традиција, но не сум некој верник. Израснат сум, како и повеќето мои генерациски исписници, во комунистичката традиција, но не сум некој комунист. Не верувам и не ги разбирам религиозните, идеолошките, партиските… празници. Не знам да си објаснам зошто, како и кога било што се слави од оваа номенклатура. Ете, едноставно не верувам во каква било догма. Сите тие ми се исти.

Прочка ја слави покорноста, авторитарноста и статус квото. Прочка ја воспева човековата понизност

Христијанството, на пример, проповеда дека ако сме мирни, послушни, со еден збор богоугодни, ќе го доживееме рајот на небото. По смртта, се разбира. Комунистичката идеологија ни го ветува рајот во овоземниот свет. Само ако бидеме сите мирни, послушни и идеолошки подобни. Сите на крајот ќе бидеме пролетери. Обединети. Партиите во предизборието (а ние сме секогаш во некакво предизборие) ни ветуваат инстант рај. Само ако бидеме мирни, послушни и ако гласаме за нив.

Затоа не е ни чудо што уште од мали нозе ме иритираше празникот, сосема погрешно наречен Прочка. Наспроти убедувањето дека Прочка ги буди најблагородните чувства кај луѓето, а простувањето е секако при врвот на оваа емотивна хиерархија, јас тврдам дека Прочка ја слави покорноста, авторитарноста и статус квото. Прочка ја воспева човековата понизност и човековата пониженост.

Зошто, како, кому и кога треба да простам? Зошто, како, кој и кога треба да ми прости?

Кому проштеваме?

Обичајот е дециден и вели дека помладите бараат проштевање од постарите. Зошто? Дека постарите не им згрешиле на помладите? И тие постарите бараат прошка од уште постарите. И оној што е најстар во опкружувањето излегува дека е безгрешен. Зошто?

И тој безгрешниот на крајот ќе рече: „Простено ти е од мене и од Бога“. Што значи тоа? Дека некој, само поради својата возраст, ја презема улогата на Бог?

Ваквиот обичај од мали нозе нѐ учи дека постојат авторитети над нас што, за разлика он нас, обичните смртници, се безгрешни

Адетите се такви какви што се и нема премногу смисла да се бара смисла во нив. Сепак, ваквиот обичај од мали нозе нѐ учи дека постојат авторитети над нас што, за разлика он нас, обичните смртници, се безгрешни и се морални вертикали што безусловно треба да ги следиме. Зошто? Затоа што се постари од нас! И тоа е доволен аргумент. И ако убаво го изведеме ритуалот на сопственото понижување, ќе ни дадат варено јајце да го амкаме. И, како придружен ефект, ќе ни се смеат во лице на нашата недоветност. Или, поточно речено, на нашата подгответност за понизност.

Староста, во случајов е метафора за авторитет. Не случајно повисокиот чин во војската се вика „старешина“. Старешина е секој оној, без разлика на неговата возраст, е на скалило погоре од вас. Без разлика дали се работи за професија, семејни односи, ситуации во образованието, маалски приказни… Вие, ете, знаете од кого да побарате простување.

А може и поинаку. Вие знаете кој од вас ќе побара простување. И со големо задоволство ќе му кажете: „Простено ти е чедо. И од мене, и од Бога“. И уште ќе го дарувате.

Зошто бараме прошка?

Од некаков социолошки или, ако сакате, општествен аспект, проштевањето, во контекстот на Прочка, се бара само од оној што е на повисоко скалило од вас. Тој е оној што може да ве дарува при ваков милозлив чин. Вие само треба да му побарате да ви прости. И да му ја целивате десната рака. И затоа ќе бидете наградени. И ќе одите во рајот.

Поинаку кажано, Прочка нѐ учи да им се клањаме на авторитетите. Оние што можат да нѐ наградат, но и да нѐ казнат. Значи, на државата, сосе цела нејзина управа, на Црквата, сосе цел нејзин клер, на полицијата, на судот, на партијата и на сите оние што на овој или на оној начин влијаат врз нашите животи.

Црквата нѐ  учи дека простувањето значи внатрешен мир, дека духовно ќе бидеме побогати ако простуваме. Дали? Иако многу од нас лаиците сме склони да ја прифатиме оваа теза, сепак мислам дека единствено правдата може да донесе мир. И духовен, и секаков.

Единствено правдата може да донесе мир. И духовен, и секаков. Уште не сум видел парола: „Нема прошка – нема мир“, туку секаде и секогаш се барала правда и само правда

Уште не сум видел парола: „Нема прошка – нема мир“, туку секаде и секогаш се барала правда и само правда. А правдата, како што знаеме, би требало да биде слепа и да пресудува, без оглед на возраста, родниниските врски, политичките позиции или степенот на старешинство во општеството. Конечно, и теориски, и практично е докажано дека не постои корумпирана држава без корумпирано судство. Какво ни е нам судството покажуваат низа извештаи на релевантните меѓународни институции. Во таа смисла, не сакам ниту да коментирам каква е состојбата со државата. Онаа од која треба да барам прошка.

Можеби е познато, а можеби и не е дека празникот Прочка, всушност, е одбележување на прогонот на Адам од рајот. Адам, ете, се зафркнал, и наместо да го послуша единствениот врвен шеф, својот и нашиот Бог, кој му рекол да не јаде ништо, особено не ако таа храна ја добие од неговата поубава половина, па каснал од јаболкото на сознанието.

И така, трчајќи по потребите на стомакот, а не по желбите на неговиот врвен авторитет, заслужил да стане смртен и да се пресели на оваа несреќна планета. На неговиот творец, Бог лично, оваа казна не му паднала лесно, па во знак на нешто (жал ли? покајание? што ли?) решил да пости и да биде богугоден 40 дена. Адам не се покајал за својoт грев и сега сите заедно сме осудени на страдање.

Значи, Прочка е барање опрост од Бога за гревовите на нашиот предок, со надеж дека ако постиме 40 дена до Велигден, ќе нѐ врати во рајот и ќе нѐ „обеструлежи“, како што поетски и убаво се говори во црковниот вокабулар.

Во ред, не сакам и јас да бидам проколнат и еретик на кој било свет да се најдам. Имам и јас од кого да побарам проштевање. Првин, во духот на традицијата, од моите и од сите наши предци поради тоа што направив јас заедно со актуелните генерации од оваа земја, а потоа, надвор од традицијата, на сите оние што ќе дојдат по мене и по нас. Од истите причини: поради она што го направивме од нивната земја.

Сето друго нека оди по ѓаволите!

ПРИЗМА

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија

ПредходнаДенеска е Чист понеделник – Започнува големиот Велигденски пост
СледнаКомпанијата на Маск ќе распореди стотици шпионски сателити за потребите на американската Влада и војска