дома Македонија ДИК по преброени над 70% од гласовите: Гордана Силјановска Давкова – 39,15%,...

ДИК по преброени над 70% од гласовите: Гордана Силјановска Давкова – 39,15%, Стево Пендаровски – 19,19%

7

Трет е Бујар Османи од ДУИ со 92 135 гласови (14,58 %), Арбен Таравари од коалицијата Вреди има 66 262 гласови (10,49 %), Максим Димитриевски од ЗНАМ има 53 223 гласови (8,42 %), Билјана Ванковска поддржана од Левица има 28 445 гласови (4,50 %) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ има 5 467 гласови (0,87 %).

Гласачките места беа отворени од 7:00 до 19:00 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Одѕивот на денешните претседателските избори до 18 часот изнесуваше 47,61отсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи, односно 907.159 гласови. Ако никој не го добие потребното мнозинство, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.

ПредходнаВолстрит џурнал: Што содржи пакетот вреден 95,3 милијарди долари американска помош за Украина, Израел и Тајван?
СледнаБајден ја поддржува слободата на изразување на кампусите во САД