
Против таткото и двете ќерки од Крива Паланка кои вчера се обидоа да ги спречат службените лица да им ги одземат кравите е покрената постапка и за нив се бара мерка притвор.
– Осомничените, татко и двете негови ќерки, како соизвршители на 2 декември, со сила и сериозна закана спречиле службени лица од Агенцијата за храна и ветеринарство со полициска асистенција да постапат по правосилно и извршно решение за спроведување мерки за одземање домашни животни – крупен добиток. Јавниот обвинител, имајќи ја предвид опасноста од бегство, но и можноста за повторување на делото, до надлежниот суд поднесе предлог за определување мерка притвор за сите осомничени, информира Републичкото јавно обвинителство.
Според обвинителството, од нивното однесување произлегува дека и покрај сите досега преземени активности од голем број надлежни државни органи, осомничените подолг временски период го малтретирале месното население и соседите, а сега започнуваат дејствија на спречување и кон вработени во надлежни државни органи и инспекциски служби од Агенција на храна и ветеринарство, како и на униформирани полициски службеници.




