Голем шумски пожар гори во Германија во близина на градот Плауен, до кој пожарникарите мора да се приближат пеш, бидејќи теренот е непристапен за противпожарни возила, јавуваат германските медиуми.

Градоначалникот на Плауен, Штефен Ценер, изјави дека се зафатени приближно седум хектари.
„Зборуваме за најголемиот пожар што го имавме во нашите шуми и полиња во последните 30 години“, рече Ценер, објави денес „Дер Шпигел“.
Делови од блискиот федерален автопат се затворени поради пожарот.
Градот ги повика жителите во радиус од два километри да ги затворат прозорците и вратите поради чад.
Градските власти велат дека околу 120 пожарникари се на местото на настанот и дека со големи тешкотии го гаснат пламенот, бидејќи областа делумно се наоѓа на стрмен пад и е непристапна за противпожарни возила.
Затоа, екипите за итни случаи мора да се движат пеш, постојано истегнувајќи црева, објави германскиот весник.
Се очекува утрово три хеликоптери да почнат да им помагаат на пожарникарите.
Шефот на противпожарната служба Патрик Хајнриц рече дека големата количина мртво дрво е исто така посебен проблем.




