дома Македонија Оставка, анкетни комисии и изборни измени – клучни теми на денешната седница...

Оставка, анкетни комисии и изборни измени – клучни теми на денешната седница на Собранието

Собранието денеска ја констатира оставката на уставната судијка Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која ќе стапи на сила на 31 декември. Од Уставниот суд информираа дека оставката е поднесена од здравствени и лични причини, а судијката не ја образложи пред пратениците.

На почетокот на седницата, пратеникот и заменик-координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, побара формирање единствена анкетна комисија за несреќата во Кочани, како и за случаите „Модуларна болница“, „Дурмо турс“ и „Ласкарци“. Тој истакна дека Собранието има обврска да даде одговори за сите трагедии, бидејќи граѓаните сè уште бараат правда, но предупреди дека треба да се внимава на судските процеси кои се во тек. Стојаноски побара и промена на терминот на седницата на Постојаната анкетна комисија за човекови права, закажана за 9 декември, за да можат да присуствуваат повеќе пратеници и премиерот.

Координаторот на Левица, Борислав Крмов, реагираше до претседателот на Собранието Африм Гаши за дозволата Стојаноски да се обрати наместо координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, а пратениците од владејачката партија побараа ВМРО-ДПМНЕ да се ословува со целото име. Претседателот на анкетната комисија, Димитар Апасиев, посочи дека претставката за случајот „Пулс“ во Кочани е доставена пред пет месеци, но сè уште не е разгледана, на што Гаши одговори дека информацијата ќе биде разгледана согласно Деловникот.

Собранието не го прифати барањето на Левица за итни измени на Изборниот законик, со образложение дека веќе се водат разговори за нов закон и дека предлогот е беспредметен. Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ и Оливер Спасовски од СДСМ нагласија дека измените се носат со консензус на партиите.

ПредходнаСе бара притвор за таткото и двете ќерки од кривопаланечко кои спречија службени лица да интервенираат во одземање на добиток
СледнаИницијативата „САПОРТ КОЧАНИ“ доби златен сертификат за волонтерство