дома Македонија Црна хроника ОЈО покрена постапка против неготинецот кој силуваше и уценуваше пријателка

ОЈО покрена постапка против неготинецот кој силуваше и уценуваше пријателка

Основното јавно обвинителство Скопје покрена постапка против неготинецот кој во Скопје принудил пријателка на полови дејства, а потоа и се заканувал дека видео клипот со експлицитна содржина ќе го објави доколку не му даде 2.500 евра.

Осомничениот 29-годишник се товари за две кривични дела – полов напад и силување и уцена.

Тој на 2 декември, заедно со неговата сопруга и уште една пријателка, излегле во ресторан во Скопје. Таму пиел алкохол и консумирал дрога, па бидејќи по вербална расправија неговата сопруга заминала сама, тој се понудил да ја врати дома пријателката. Но, наместо кон нејзиниот дом, цела ноќ ја возел на различни локации во Скопје, обидувајќи се да ја принуди на сексуални односи.

Жената не се согласувала, но тој и се заканил дека ќе ја убие и ја присилил да влезе во апартман во Центар. Таму со физичка сила и закани со нож ја принудил на други полови дејствија, а целиот настан го снимал.

Додека биле во апартманот, се јавувал со видео повик кај сопругата и кај други лица и барал од нив да му донесат кокаин за да не ја убие оштетената.

Три дена подоцна, осомничениот и го пратил видео клипот со експлицитна содржина на оштетената со закани дека ќе го објави секаде ако не му даде 2.500 евра. Жртвата ги пријавила уцените, по што било организирано симулирано примопредавање на обележани парични средства. Откако ги презел парите од жената, осомничениот веднаш бил приведен.

Одобрен е притвор за него.

ПредходнаОд вторник можно е судската администрација да прекине со работа
СледнаНад 2.500 глоби за неиздавање фискални сметки, 113 даночни обврзници со забрана за вршење дејност