Лицето кое упадна во „Инфомакс“ ќе одговара за две кривични дела – насилство и спречување на службено лице во вршење службено дејствие.

Обвинителството денеска соопшти дека се собрани докази и дека до Основниот кривичен суд во Скопје е поднесено обвинението.
Обвинетиот на 10 декември извршил грубо насилство кон двајца новинари и кон гостинот во нивната емисија, со што ги спречил во вршење на професионалната дејност.
– Додека емисијата „Тешки муабети“ се емитувала во живо на YouTube и на социјални мрежи, обвинетиот пишувал навредливи и заканувачки коментари за еден од новинарите поради критиките што во емисијата биле упатувани кон премиерот. Потоа обвинетиот дошол на адресата на која се наоѓа студиото, ја обил влезната порта, ги искршил и влезната врата од објектот и вратата на студиото, па како резултат на тоа емисијата била прекината, посочува Обвинителството.
Еден од оштетените се обидел да го задржи обвинетиот да не влезе во студиото, но тој продолжил да вика и да им се заканува, ги пцуел и ги навредувал присутните, а се обидувал и физички да ги нападне, замавнувајќи со рацете и фрлајќи со чаша кон нив.
Медицинското вештачење на обвинетиот покажало дека и покрај неговата претходна душевна здравствена состојба, тој делото го извршил во состојба на пресметливост и согласно тоа јавниот обвинител доставил предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор со цел негово обезбедување во текот на постапката.




