Секое петнаесетто дете за првпат се опило пред да наполни 14 години, а цигари првпат се пробуваат веќе на 9 години
Првите искуства со пушењето цигари децата во Македонија ги имаат на 9 години, а алкохол првпат пробуваат на 13 години, покажуваат наодите на Европскиот проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги – ЕСПАД 2024, што го презентираше денеска Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Последното истражување во државава е спроведено лани во 96 средни училишта, во вкупно 182 паралелки. Опфатени биле 2831 ученик, од кои 1397 (49,3 проценти) момчиња и 1434 ( 50,7 проценти) девојчиња.

Транквилизери или седативи (дијазепам, лексилиум, валиум, хелекс) кои аптеките не би требало да ги издаваат без рецепт, употреба со рецепт во некоја прилика во текот на животот пријавиле 9,9 проценти од момчињата и 12,2 проценти од девојчињата, што изнесува вкупно 11 проценти. Употребата на седативи без рецепт била помала, со 5,7 проценти од момчињата и 7,5 проценти од девојчињата, што изнесува вкупно 6,6 проценти.
Податоците за употребата на канабис кај адолесцентите покажуваат дека 5,5 проценти од вкупното испитано население пријавило дека користело канабис барем еднаш во животот, 4,3 проценти во последната година, додека 2,6 проценти пријавиле употреба во последниот месец. Поделени по пол, преваленцата на употреба во текот на животот, минатата година и последниот месец кај момчињата е поголема во споредба со девојчињата/ SP





