
Новите предлог – измени на Кривичниот законик се подеднакво лоши, ако не и полоши од претходните, бидејќи декриминализираат веќе криминализирани поведенија, вели за „Слободен печат“ обвинителката Ленче Ристоска, која е и обвинител за врски со Македонија во Единицата за судска соработка на ЕУ, Еуроџаст (Eurojust) за измените кои стигнаа во Собрание, кои требаше да ги коригираат скандалозните од 2023, но предизвикаа негативни реакции кај експертската јавност.
Најпроблематични делови за нејзе се тоа што предвидено е да се санкционираат само конкретни дела за јавните набавки и се легализираат злоупотребите во набавките кои се најчести и тоа што се брише одговорноста за министрите и другите службени лица од органите на државна управа.
„Новите предлог-измени на Кривичниот законик се подеднакво лоши ако не и полоши од претходните, бидејќи декриминализираат веќе криминализирани поведенија. Предвидено е да се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки, со што сите други повреди се легализираат и се отвора простор за системска неказнивост токму таму каде што злоупотребите се најчести. Уште поалармантно е што со измените на член 353-в се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, што во пракса значи легализација на повредите кои овие лица ги извршиле. Не гледам како декриминализација на коруптивни поведенија е во насока на заштита на јавниот интерес и борбата против корупцијата“, вели Ристоска.




