Археолозите открија остатоци од антички град кој датира од 6 век п.н.е. на локалитетот Таксила во Пакистан, објавија денес локалните медиуми.
Според веб-страницата на „Трибјун“, Одделот за археологија на Пенџаб ги интензивираше ископувањата на локалитетот Бхир во Таксила.

Тоа е најстарата урбана населба во долината Таксила, која е комплексна мешавина од персиски, грчки и индиски влијанија и урнатини од ерата на Александар Велики и раниот будизам, и е дел од светското наследство на УНЕСКО.
Тесни улици, станбени објекти, бунари, складишта за жито и артефакти од секојдневниот живот беа откриени за време на ископувањата.
Службениците велат дека се разгледува и предлог за претворање на локалитетот Бхир во музеј на отворено.
Службеникот на Одделот за археологија на Пенџаб, Малик Максуд Ахмед, истакна дека градот се наоѓа по должината на античките трговски патишта што ги поврзуваат Централна Азија, Авганистан и индискиот потконтинент.




