Mакедонската театарска сцена добива нов мјузикл со наслов „Као какао“, кој ќе биде сценско дело инспирирано од музиката на Влатко Стефановски, во кое неговиот богат и препознатлив музички опус служи како појдовна точка за создавање нова театарска приказна.
– Ова не е претстава за мојот живот. Идејата не беше моја, но веднаш ја препознав и ја поддржав, затоа што ми беше интересно да ја видам музиката во нов, сценски контекст – како нешто што продолжува да живее надвор од мене – изјави Влатко Стефановски.
Авторскиот тим е составен од истакнати македонски театарски автори. Режијата ја потпишува Дејан Пројковски, додека текстот е оригинално драмско дело на Венко Андоновски, напишано специјално за овој мјузикл. Музичките аранжмани се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, костимографијата е на Марија Пупучевска, а сценографијата на Валентин Светозарев.
– Мјузиклот како форма секогаш е предизвик, особено кога работиш со музика што има толку силен идентитет. Нè интересираше како таа форма може да се користи слободно, без да влеземе во шаблон. За мене, ова е обид мјузиклот да се третира како сериозна драмска форма – истакна режисерот Дејан Пројковски.
– Музиката на Влатко носи силна емоционална историја. Пишувањето покрај таква музика е привилегија, а мене ме интересираше каква драмска приказна може да се отвори за млад човек што се обидува да успее и да се пронајде себеси, без да удри во ладниот ѕид на системот што се обидува да го загуши – истакна драматургот Венко Андоновски.

Во мјузиклот ќе учествуваат околу 25 актери од различни генерации, а продукцијата засега откри дел од актерската екипа. Во главните улоги настапуваат Владимир Петровиќ и Катерина Јовановиќ, а во претставата ќе играат и Григор Јовановски, Стефан Спасов, Нина Елзесер, Ања Митиќ и Антонио Ташковски.
– Проектот се развиваше неколку години, а денес влегува во фаза на реализација. Со искуството што го имаме, силниот авторски тим и актерската екипа, веруваме дека „Као какао“ ги има сите предуслови за успех – велат од „Баги комуникации“.




