дома Македонија Економија ССМ ДОНЕСЕ ОДЛУКА! Генерален штрајк доколку нема повисоки плати до овој датум

ССМ ДОНЕСЕ ОДЛУКА! Генерален штрајк доколку нема повисоки плати до овој датум

Одлуката за генерален штрајк веќе е донесена, порачуваат од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Според нив, останува само да се активира доколку Владата и Собранието не одговорат на барањата за зголемување на платите.

По масовниот протест во Скопје, синдикатите поставија јасни рокови. До петок пратениците да добијат предложени измени на Законот за плати а до крајот на идната недела да се изгласа зголемување на минималната плата.

Во спротивно, најавуваат блокади на улици и институции и генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.

Главни барања на синдикатите се минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на сите други плати, што во пракса значи најмалку 6.000 денари плус за секој работник.

ССМ нагласува дека инфлацијата сериозно го намалува животниот стандард, а сегашниот минималец не го покрива реалниот трошок за живот. Според пресметките на синдикатите, потрошувачката кошничка за четиричлено семејство надминува 65.000 денари месечно.

Синдикатите ги отфрлаат обвинувањата за партиска позадина и инсистираат дека станува збор за чисто економско прашање: повисоки плати, намалување на сиромаштијата и зачувување на куповната моќ.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека протестите имаат политичка агенда додека СДСМ најавува законски решенија за раст на платите и замрзнување или ограничување на функционерските примања, што синдикатите го користат како симболичен контраст меѓу „луксузот на врвот“ и „минималецот на дното“.

Работодавачите предупредуваат дека минималната плата треба да се одредува во согласност со продуктивноста и економската одржливост. Според нив законот веќе предвидува минималецот да не биде помал од 57% од просечната плата. Нагло зголемување може да ја подигне цената на трудот, да го загрози малото стопанство и да доведе до отпуштања или затворање бизниси, ако државата не интервенира.

Монетарните власти потенцираат дека растот на платите треба да биде врзан за мерливи економски показатели и продуктивност, за да не се создаде нов инфлаторен удар.

Синдикатите бараат „плата од која може да се живее“ додека пак работодавачите инсистираат на „плата што економијата може да ја издржи“.

Владата и Собранието се соочуваат со избор: брза интервенција или ризик темата да се пресели на улица, со генерален штрајк како најостра алатка.

ПредходнаОбвинителката Ристоска: Латас има финансиски интерес за клеветите изречени кон мене!
СледнаМагла на патот Тетово – Гостивар, одрон на патниот правец Берово – Струмица