
„Ова е најмалку што можат и треба да направат“
„Апелираме до Берлиналето да ја исполни својата морална должност и јасно да го изрази своето противење на израелскиот геноцид, злосторствата против човештвото и воените злосторства против Палестинците“, се вели во отвореното писмо, објавено во целост од списанието за забавна индустрија „Вариети“.
Неколку експерти за човекови права, научници и истраги на Обединетите нации наведуваат дека нападот на Израел врз Газа претставува геноцид. Израел ги нарекува своите дејствија самоодбрана откако Хамас го нападна Израел во октомври 2023 година.
„Згрозени сме од институционалниот молк на Берлиналето“, се вели во писмото, потпишано и од актерите Адам Мекеј, Алија Шокат и Брајан Кокс, како и од режисерот Мајк Ли.
Во писмото се вели дека организаторите не ги исполниле барањата да издадат изјава со која ќе се потврди правото на живот на Палестинците и ќе се обврзат да го заштитат правото на уметниците јавно да зборуваат за ова прашање. „Ова е најмалку што можат и треба да направат“, се вели во писмото. Фестивалот не одговори веднаш на барањето за коментар испратено по е-пошта.
На мета на критики
Берлинскиот филмски фестивал се смета за најполитички од неговите еквиваленти, фестивалите во Венеција и Кан, и се гордее со прикажувањето филмови од недоволно застапени заедници и промовирањето на млади таленти.
Сепак, тој постојано беше критикуван од пропалестинските активисти затоа што не зазеде став за Газа, за разлика од војната во Украина и ситуацијата во Иран.
Во отвореното писмо се осудува и изјавата на претседателот на жирито Вим Вендерс дека филмските работници треба да се држат настрана од политиката. „Не можете да ги одделите едниот од другиот“, напиша Вендерс. Неговата изјава ја поттикна писателката Арундати Рој да се повлече од фестивалот, нарекувајќи ги неговите забелешки неприфатливи.
Директорката на фестивалот, Триша Татл, одговори дека на Берлиналето има слобода на говор и го бранеше правото на уметниците да не коментираат политички прашања, предупредувајќи дека од нив сè повеќе се очекува да одговорат на секое прашање и дека се критикувани ако нивните одговори некому не одговараат.




