Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска нагласи дека е убеден оти до јуни – јули ќе пристигне првата пратка од стоте автобуси за главниот град.
– Автобуси требаше да имаме во март, но тендерот пропадна. Јас не се плашам да се извинам ако згрешам со проценките. Сега, наместо 80 ќе бидат набавени 100. Најголем дел од нив ќе стигнат оваа година – рече Ѓорѓиевски вечерва во гостувањето во Дневникот на Сител.
Тој потсети дека има владина одлука за набавка на нови автобуси и земајќи ја предвид и вклученоста на премиерот во овој процес, како што рече, убеден е дека оваа година ќе пристигнат новите автобуси.
– Убеден сум дека до јуни или јули би пристигнала првата пратка автобуси, но тоа не зависи само од мене. Чесно ќе кажам, убеден сум дека Владата ќе обезбеди 100 автобуси за граѓаните, она што ни беше ветено. За динамиката ќе треба да се утврди и да се координира со нив – нагласи градоначалникот.
Ѓорѓиевски рече дека по сто дена на оваа позиција, кои неодамна ги одбележа, во моментов се соочува со повеќе предизвици.
– Би бил неискрен ако кажам дека дојдов и за сто дена решивме сè. Јас не сум сто месеци градоначалник, туку три месеци и неколку дена. За релативно краток период постигнавме сериозен успех. За релативно кратко време имаме 40 милиони евра вратени долгови на јавните претпријатија и на Градот, нешто што не паметам дека некој го направил во минатото – рече градоначалникот.




