
Кили беше мултиталентиран уметник и еден од најдобрите македонски современи актери. Тој зад себе остави низ впечатливи улоги кои ќе се паметат – во „Тетовирање“, „Бал-кан-кан“, „Збогум на 20-от век“ „Панкот не е мртов“, а оствари и блескави театарски улоги во „Ричард Трети“, „Злосторство и казна“, „Ослободување на Скопје“… Забележливи се и неговите улоги во телевизиската продукција: „Трст виа Скопје“, „Бумбари“, „Досие Скопје“…
Поп Христов е роден на 30 јули 1967 во Скопје. Дипломира во 1989 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на отсекот за актерска игра на Факултетот за драмски уметности, во класата на професорот Љубиша Георгиевски. Од 1993 до 2014 работеше во Македонскиот народен театар. Тогаш, како што самиот изјавуваше, поради притисоци од тогашната власт, со семејството се пресели во далечниот Еквадор, каде остана сè до смртта.




