Иранскиот и рускиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи и Сергеј Лавров, телефонски разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток и последиците од американските и израелските напади врз Иран, објавија „Тасним“ и „Интерфакс“.

Арагчи му рекол на Лавров дека „сегашната нестабилност во Ормутскиот теснец е последица на воената агресија“ од страна на САД и Израел.
Тој нагласи дека „минувањето на бродови што им припаѓаат на други земји низ Ормутскиот теснец се врши во координација со надлежните ирански власти“.
Потсетуваме дека Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) на Иран објави дека утрово запреле и вратиле три контејнерски бродови кои се обиделе да поминат низ Ормутскиот теснец .
Според официјалното соопштение од Морнарицата на ИРГК, бродовите што пловеле со различни национални знамиња се упатиле кон одреден коридор за дозволен премин , но биле принудени да се повлечат откако биле предупредени.
„Ормутскиот теснец е затворен и секој премин ќе биде пресретнат со цврст одговор“, се вели во соопштението. Корпусот нагласи дека движењето на бродови поврзани со сојузници и поддржувачи на САД и Израел е забрането, без оглед на нивната рута или крајна дестинација.
Арагчи за државната телевизија изјави дека Техеран дозволува премин на бродови од „пријателски земји“, вклучувајќи ги Кина, Русија, Пакистан, Ирак и Индија.




