Сликата „Старец со златен ланец“ во британска колекција, за која долго време се сметаше дека е копија од работилница на речиси идентична слика од Рембрант, исто така е насликана од холандскиот мајстор од 17 век, тврди експертот за Рембрант, Гари Шварц. Сликите прикажуваат постар човек со златен ланец и пердувеста шапка во речиси природна големина.

Сликите од почетокот на 1630-тите беа повторно обединети за прв пат по речиси четири века од страна на Институтот за уметност во Чикаго, кој ја чува верзијата што се смета за неоспорно дело на Рембрант, насликана на платно. Втор портрет, малку помал и насликан на платно, е во сопственост на бизнисменот од Кембриџ, Френсис Њуман. Означен е како копија направена во работилницата на Рембрант.
Но, експертот за Рембрант, Гари Шварц, верува дека обете слики се дело на мајстор. Квалитетот на сликата е доказ за ова, а холандските сликари од тоа време често создавале варијации на своите слики. Шварц изјави за „Гардијан“: „Само е прашање дали ќе прифатиме дека ова е Рембрант. Сметам дека е многу возбудливо. Отвора цела низа можности за гледање на многу слики на поинаков начин“.
Тој додаде: „Доколку Рембрант имал клиент за варијанта на неговата слика, кој би бил најефикасниот начин да ја добие? Да му го довери нејзиното производство на студент, а потоа да мора да се корегира – сликата во посед на Њуман не покажува знаци дека ќе биде корегирана – или едноставно да ги повтори уште еднаш чекорите што веќе ги презел еднаш и кои сè уште му биле свежи во меморијата и раката? Второто секако има повеќе смисла. Оваа претпоставка го објаснува и исклучителниот квалитет на платното.“
Рентгенските и инфрацрвените снимки открија подготвителен цртеж на сликата од Чикаго што покажува некои корекции на облеката. Другата слика не покажува. „Доколку ученик ја беше направил сликата, тој би направил грешки што мајсторот би сакал да ги исправи“, рече Шварц. Прадедото на Њуман ја купил сликата како Рембрант во 1898 година од лондонската галерија Агњус за значителна сума. „Значи, во тоа време била сфатена сериозно“, рече Шварц. Во 1912 година, германскиот историчар на уметност Вилхелм Боде ја нарекол „интелигентна репродукција“. Но, додаде Шварц, Боде не го поткрепил сериозно своето тврдење.
Сликата, во сопственост на Њуман, била изложена дури во 1952 година во Кралската академија во Лондон. Според Шварц, таа била наведена во каталогот како оригинал на Рембрант. Но, професијата не се согласила. Во списанието „Берлингтон“ била објавена статија од еден од водечките холандски историчари на уметност, кој напишал дека станува збор за копија од работилница.
Иако многу детали на двете слики изгледаа исти, истражувањата во Чикаго открија дека постојат и разлики меѓу нив. Додека трепките на сликата на Њуман се насликани со ситни потези со светла боја, трепките на сликата од Чикаго се создадени од уметникот кој ја отстранил темната боја додека таа сè уште била влажна, откривајќи ја светлата боја под неа.
Студија на Институтот Хамилтон Кер на Универзитетот во Кембриџ, исто така, покажа дека платното и пигментите на сликата на Њуман се совпаѓаат со оние што ги користел Рембрант и неговата работилница и покажале иста основа како осум слики на Рембрант од 1632 и 1633 година.
Институтот за уметност во Чикаго соопшти дека по испитувањето на рендгенските и инфрацрвените слики и анализата на пигментите, разликите меѓу двете дела укажуваат дека сликата на Њуман е верзија од работилница, додавајќи дека дебатата за намерата и авторството останува отворена.
На прашањето дали отсекогаш верувал дека станува збор за слика од Рембрант, Њуман рекол: „Секогаш го гледав како нешто мистериозно. Уживав во таа мистерија. Можев да уживам гледајќи го на ѕидот и да не бидам одговорен за неговото потенцијално значење.“ Тој додал дека ако се покаже дека е слика од Рембрант, сликата ќе оди во музеј.




