дома Без филтер Berliner cajtung: Пекинг ја турка Москва надвор од Балканот, во соработка со...

Berliner cajtung: Пекинг ја турка Москва надвор од Балканот, во соработка со Вучиќ, a TOJ ..„Вучиќ (да се надеваме) не е новиот Милошевиќ

Пекинг брзо ја турка Москва надвор од Балканот воено и економски, а во соработка со претседателот Александар Вучиќ го зајакнува своето присуство во Европа преку Србија, додека Европската Унија и НАТО се чини дека не забележуваат што се случува во нивниот двор, пишува весникот Берлинер Цајтунг.

Балканскиот експерт Александар Ротерт во авторски напис за берлинскиот весник оцени дека војната во Иран и судбината на лидерите на Сирија, Венецуела и Иран им покажаа на многу руски сојузници колку малку можат да вредат нивните врски со Москва.

„Но (српскиот) претседател Александар Вучиќ одамна, барем делумно, почна да го корегира својот курс кон Москва и Пекинг“, се наведува во коментарот.

„Берлинер Цајтунг“ додава дека сè уште постојат доста блиски разузнавачки врски меѓу Србија и Русија и дека „пропагандните активности на Русија се сè уште исклучително изразени“ во Србија, првенствено преку руските телевизиски куќи „Спутник“ и „РТ“.

„Но, кога станува збор за воено-техничка соработка и испораки на оружје, Кина одамна ја замени Русија“, пишува весникот, прецизирајќи дека повеќе од 60 проценти од оружјето што го увезува Србија сега доаѓа од Кина.

Весникот додава дека Србија и Кина имаат и договор за слободна трговија од 2023 година и дека десетици кинески компании спроведуваат инфраструктурни и рударски проекти во Србија вредни милијарди.

„Пекинг сукцесивно ја турка Москва од Балканот воено и економски. Военото и економското влијание на Кина врз Србија брзо расте, а Западот едвај го забележува тоа. Така, Србија незабележливо станува вазална држава на Кина“, вели политикологот и експерт за Балканот и надворешната политика на САД, Ротерт.

Весникот наведува дека Србија, со увоз на модерни кинески борбени системи, заедно со сопствениот „многу силен“ воено-индустриски комплекс, го консолидира својот воен примат на Западен Балкан.

Вооружување на Србија со кинески системи

Весникот, исто така, објавува податоци од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI) дека „малата Србија, со само 6,5 милиони жители“ се искачила на 37-мо место меѓу увозниците на оружје во светот.

Ротерт пишува дека брзото вооружување на Србија со модерни кинески системи предизвикало аларм во Хрватска и дека Загреб го информирал и НАТО за тоа.

„Приватно, Вучиќ е опишан од НАТО како „помалото зло“. Вучиќ е ѓаволот што го знаеме, рече еден дипломат кој сакаше да остане анонимен. Многумина носители на одлуки во 1990-тите го кажаа истото за Слободан Милошевиќ“, се наведува во текстот на авторот.

„Вучиќ (да се надеваме) не е новиот Милошевиќ, но со своето масовно вооружување и неговата агресивна, експанзионистичка реторика ги плаши помалите, претежно воено послаби соседи, првенствено двете главни жртви на Белград – Босна и Косово. Покрај тоа, Пекинг не ја признава независноста на Косово, што ја прави атмосферата на закани на Вучиќ совршена“, оценува весникот.

„Берлинер Цајтунг“ исто така пишува дека вооружувањето на Србија со оружје директно е во спротивност со огромните успеси во разоружувањето во регионот досега, кои беа договорени во Дејтонскиот договор и кои се однесуваа на поранешните воени противници Србија, Босна и Хрватска.

„Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) успешно ги спроведуваше овие одредби од Дејтон до 2012 година. Но, откако Вучиќ де факто дојде на власт таа година, српската армија последователно се вооружуваше во масовно ниво“, пишува Ротерт.

„Берлинер Цајтунг“ прашува „не треба ли во безбедносните кругови да се постави прашањето зошто Србија се вооружува масовно без никаква реална надворешна закана?“

„Најновото оправдување на Белград – соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово за одбранбени прашања – не е убедливо. Фактот дека во овој случај две членки на НАТО ја компензираат слабоста на Косово во светлината на заканувачкото однесување на Србија е сосема разбирлив“, се наведува во статијата.

ПредходнаМицкоски со засилени чувства дека ќе има прогон за поранешни фукционери, за Груевски вели прво да се тргне азилот, па екстрадиција
СледнаВладата засега не се размислува за ограничувања за горивата во пограничните региони, иако потрошувачката е зголемена