Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија, говореше за процесот на интеграција во Европската Унија, билатералната поддршка, Планот за раст и Реформската агенда.
Говорејќи за спроведувањето на реформите, министерот истакна дека нивната реализација не е прашање на субјективна перцепција, туку на мерливи резултати.
„Прашањето дали се спроведуваат реформи не е субјективно гледиште, туку мерлив показател за тоа што го реализира Владата. Најдобар судија е времето, а времето ќе покаже кој ќе биде во право“, изјави Муцунски.
Муцунски информираше дека Планот за раст на Европската Унија предвидува средствата што нема да ги искористат другите земји да бидат прераспределени кај оние кои успешно ги спроведуваат реформите, што претставува дополнителна мотивација и цел на владата.
Тој додаде дека реформите обезбедуваат директна поддршка за граѓаните и реализација на конкретни проекти.
„Мотивацијата е и во вредноста на реформите, кои го приближуваат нашиот систем до системот на Европската Унија“, додаде Муцунски.
Осврнувајќи се на поширокиот контекст, министерот нагласи дека, покрај реформскиот процес, во услови на геополитичка неизвесност од исклучителна важност е целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
„Мораме целосно да го промениме вредносниот систем во кој живееме, во насока на европеизација на општеството. Тоа, сепак, зависи и од институционалниот и политичкиот дијалог во државата, за што е потребен напор од сите засегнати страни – опозицијата, деловниот сектор и другите општествени чинители“, истакна тој.
Министерот се осврна и на однесувањето на опозицијата по стратешките прашања поврзани со надворешната политика.
„Не може да зборуваат за европеизација оние влади кои не направиле доволно за подобрување на судството и спроведување на реформите клучни за напредок на европскиот пат. Доколку навистина се постигнуваа резултати во тој период, денес веројатно ќе бевме многу поблиску до членството во Европската Унија“, заклучи Муцунски.




