Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски само шест месеци по неговото преземање на функцијата, го назначил за негов заменик Неделчо Крстевски, кој е советник во Општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Крстевски ќе ги извршува сите надлежности во отсуство на Лукровски.
По информациите во медиумите дека градоначалникот на Карпош сакал да си поднесе оставка се јавија од Општината демантирајќи ги ваквите информации. Велат дека Лукровски користи боледување и дека согласно законските процедури надлежностите привремено ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски.
– Општина Карпош апелира до јавноста и медиумите за разбирање и почитување на приватноста на градоначалникот и неговото семејство во овој период, се вели во соопштението од Карпош.
Дел од медиумите пренесоа дека Лукровски сакал да си поднесе оставка што предизвикало сериозна загриженост во ВМРО-ДПМНЕ дека доколку се распишат нови избори, ќе ги изгубат.
Денеска со фејсбук статус се јави и поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски со порака дека овластување дадено на друг човек не го ослободува градоначалникот од одговорност.
– Не може Карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било. Шест месеци Карпош живее во целосен застој, пишува Јакимовски во подолг статус на Фејсбук.




