дома Култура Промоција на сликовницата „Три желби“, авторката Ана Пашкевич од Полска ќе одржи...

Промоција на сликовницата „Три желби“, авторката Ана Пашкевич од Полска ќе одржи работилници за деца

  Издавачката куќа „Антолог“ соопшти дека во Скопје ќе гостува писателката Ана Пашкевич од Полска за промоција на сликовницата „Три желби“, во рамките на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“ Пашкевич во Скопје ќе одржи четири работилници за деца од рана училишна возраст, со наслов „Совршениот дом за златната рипка“.

Промоција на сликовницата „Три желби“, авторката Ана Пашкевич од Полска ќе одржи работилници за децаКористејќи различни материјали и креативни методи, таа ќе ги доближи до децата животинскиот и растителен свет што живее во водните средини и ќе се обиде преку имагинацијата и иновативниот пристап да ја развие свеста за односот кон нашата најблиска околина.

Како што посочува „Антолог“, преку нежна, но силна приказна, книгата ги доближува до најмладите читатели темите за загадувањето, грижата за планетата и односот кон природата. „Три желби“ не е само поучна приказна за деца, туку и мал водич за родителите – книга што отвора разговори за екологијата, емпатијата и одговорноста кон живиот свет. Воедно, сликовницата нуди и богато запознавање со разни животински и растителни видови од подводните средини.

-Ана Пашкевич (1979), една од највпечатливите современи авторки за деца од Полска, неделава ќе престојува во Скопје по повод креативните работилници инспирирани од сликовницата „Три желби“ – современа, еколошка, едукативна и длабоко емотивна приказна што на уникатен начин ја менува добропознатата бајка за златната рипка. Книгата е илустрирана од Јоана Бартошик, а на македонски ја преведе проф. д-р Лидија Танушевска. Во „Три желби“, златната рипка повеќе не е таа што им ги исполнува желбите на луѓето. Наместо тоа, посакува луѓето да направат нешто добро за природата и светот околу себе. Ова модерно олицетворение на бајката од браќата Грим ја прикажува перспективата на рибите и животните во свет во кој човекот повторно владее, но неговите постапки се ставени под лупа на критички и искрен поглед, соопшти „Антолог“.

Пашкевич е добитничка на голем број книжевни признанија во Полска, меѓу кои и наградата на Асоцијацијата на издавачи на Полска за книга на годината. Нејзините сликовници се преведени на повеќе јазици и објавени во Македонија, Шпанија (на шпански и на каталонски), Унгарија, Кина, Тајланд и Јужна Кореја.

-Иако најпозната по своите сликовници, Ана пишува и текстови и сценарија поврзани со културното наследство, а во своите книги често обработува и теми поврзани со инклузијата, невербалната комуникација и различните начини на доживување на светот. Презентацијата на „Три желби“ ќе биде можност македонската публика да се запознае со авторка која успешно ја спојува книжевноста, екологијата и емоционалното образование на децата, создавајќи книги што остануваат долго во мислите и кај децата и кај возрасните, соопшти издавачката куќа.

Работилниците ќе се одржат денеска и утре со поддршка на Општина Центар и во соработка со основните училишта „Коле Неделковски“, „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Миладинов“, како и со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Предвидено е Пашкевич да има средба и со студентите од Катедрата по славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Предходна„Како вода за чоколада…“ – самостојнаа изложба на Валентина Поцеска во Чифте амам
СледнаМуцунски до бугарската колешка: Едноминутен разговор не е средба, а Македонците се Македонци