Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на отворањето на 4. Форум за културна дипломатија „Скопје 2026“ ,порача дека во современиот свет, силата на една држава сè повеќе се мери преку нејзината способност да гради партнерства и да инспирира доверба.
„Kултурната дипломатија е најчовечката форма на дипломатија и нејзината задача е да ја врати човечката димензија во меѓународните односи. Да потсети дека зад секоја држава стојат луѓе, зад секоја политика искуства, а зад секој идентитет историја, јазик, култура и достоинство.“
Тој истакна дека оваа форма на дипломатија денес претставува сериозен инструмент за државно позиционирање, особено во време кога светот е технички поврзан повеќе од кога било, но политички и општествено често подлабоко оддалечен.
„Kултурната дипломатија денес не е само „мека моќ“, туку сериозен инструмент на државно позиционирање, градење партнерства и долгорочно влијание…“
Според Муцунски, државата треба да ги користи културата, образованието, младите луѓе, уметниците, дијаспората, научното знаење и европската приказна како дел од поширока дипломатска понуда. Како клучна порака од форумот, тој ја издвои потребата од навремено градење канали на разбирање, a мирот не се гради само кога ќе заврши кризата, туку многу порано – преку секој канал на разбирање што сме го отвориле пред да биде предоцна. А довербата, денес, останува највредниот капитал во дипломатијата, порача Муцунски.




