За вистинскиот патник, Балканот е секогаш неоткриена книга, но неговите најубави поглавја често се запишани таму каде што најмалку очекуваме. Постојат места каде што маглата на историјата не се крева, туку се претвора во жива реалност на секој чекор. Едно такво место, скриено меѓу ридовите каде што се среќаваат ветровите на минатото, е Нови Пазар – неодоливото срце на Санџак во Србија.

Кога ќе стапнете на оваа почва, првото нешто што ве обзема не е само планинскиот воздух, туку уникатната симфонија на звуци: во истиот миг, додека езанот од бројните џамии нежно го повикува верниот народ, низ чаршијата одекнуваат и камбаните од древните цркви. Овде, две моќни цивилизации, христијанската и отоманската, не само што се сретнале, туку изградиле дом во кој вековите живеат во слога и хармонија. Воздухот е исполнет со мирис на свежо кафе и надалеку познатите пазарски ќебапи, мантии, а гостопримството на луѓето е првиот знак дека сте пристигнале на место кое долго ќе го паметите.
Ретко каде во регионот може да се најде толку густа концентрација на културно-историско богатство, заштитено од УНЕСКО, како на ова парче земја, но не само ова, оти нудиме повеќе причине поради кои треба да го посетите Нови Пазар и околината, раскажува нашата домаќинка Лилјана Лешевиќ Лукиќ од Туристичката организација на Нови Пазар на групата новинари од ех-Југославија меѓу кои бевме и ние од Македонија.
-Тоа се културно-историското наследство, гастрономијата, гостопримството, природните убавини и добрите луѓе. Во суштина, она што го има тука, сигурно го нема никаде на друго место. Нови Пазар има четири културно-историски споменици кои се наоѓаат на листата на УНЕСКО за светско културно наследство. Тоа се: Стариот град Рас со манастирот Сопоќани, манастирот Ѓурѓеви Ступови и црквата на Светите апостоли Петар и Павле, која е најстарата црква во Србија, кажа Лилјана Лешевиќ Лукиќ
Ги посетивме сите. Прво Црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Рас, или Петровата црква, еден од најважните и најфасцинантните културно-историски споменици на Балканот. Претставува најстар сочуван сакрален објект во Србија, поради што е заштитена на листата на УНЕСКО.
Сегашната црква е подигната во IX век врз темели на уште постара ранохристијанска богомоља од VI век, која служела како баптистериум (крстилница).

Петровата црква била духовното и државното седиште на првата српска династија – на Немањиќи, и центар на Рашката епископија која била во рамки на Охридската архиепископија. Во неа, големиот жупан Стефан Немања е прекрстен по православен обред. Тука се крстени и неговите синови, вклучувајќи го и Растко Немањиќ (Свети Сава).
Во оваа црква Стефан Немања во 1196 година официјално се откажал од престолот во корист на својот син Стефан Првовенчанин, се замонашил и го зел името Симеон.
Она што дополнително му дава драматичен и безвременски изглед на овој локалитет е огромниот број на надгробни споменици (стелци и масивни камени крстови) кои ја опкружуваат црквата. Тие потекнуваат од раниот среден век, па сè до XVIII и XIX век и се уникатна изложба на отворено на народното каменорезачко творештво.
Недалеку од ова црква е манастирот Ѓурѓеви Ступови, уште еден бесценет скапоцен камен на Санџак и целата српска средновековна култура. Издигнат на самиот врв на шумовито брдо над Нови Пазар, по заштита на УНЕСКО.
Основањето на манастирот во 1171 г. е поврзано со родоначалникот на династијата Немањиќи, големиот жупан Стефан Немања. Го добива името поради две масивни, високи кули (столбови) кои биле толку грандиозни за тоа време, што локалното население почнало да го нарекува целиот комплекс едноставно -Ѓурѓеви Ступови.
Манастирот го означува самото раѓање на Рашката архитектонска школа и претставува симбиоза на два тогаш доминантни света: византискиот Исток и романскиот Запад.
Историјата не била нежна кон ова место. По доаѓањето на Отоманската империја претрпел големи разурнувања. Најтешкиот удар го доживеал за време на Австро-турските војни во 1689 г., кога бил целосно напуштен и запален. Речиси 300 години Ѓурѓеви Ступови стоеле како тажна руина. Во 2000 година, по повеќе од три века молк, во манастирот се вратија монасите и повторно се запали кандилото. Денес, конаците се обновени, црквата е делумно реконструирана, а манастирот е жив духовен центар.
Манастирот Сопоќани, сместен во сликовитата долина на реката Рашка, во близина на нејзиниот извор, е еден од најважните споменици на европската средновековна уметност. Изграден во XIII век како задужбина и гробна црква на српскиот крал Стефан Урош, и овој манастир се наоѓа на листата на УНЕСКО за светско културно наследство. Познат е по својот фрескоживопис, кој се смета за апсолутен врв на византиската и европската уметност од XIII век. Историчарите на уметност фреските од Сопоќани ги нарекуваат „сопоќанска ренесанса“, бидејќи со својот стил ја најавиле италијанската ренесанса (како онаа на Џото) неколку децении пред таа да се роди. Најпознатата фреска е „Успение на Пресвета Богородица“, која на светската изложба во Париз во 1961 г. е прогласена за најубава фреска на целиот среден век.
По доаѓањето на Отоманската империја, манастирот ја споделил тешката судбина на овој регион. Во 1689 година бил запален и целосно разурнат, а покривот на црквата паднал. Повеќе од 200 години, бил изложен на дождови, снегови и ветрови. Вистинско чудо е како, и покрај двата века поминати под отворено небо, фреските го задржале својот нереален сјај, живите бои и златните лисја кои и денес ги воодушевуваат посетителите.
Додека неговата околина ја чува колевката на средновековното христијанско наследство, самиот центар на Нови Пазар ја крие својата втора, подеднакво фасцинантна – ориентална душа.
Амир-агин хан е изграден во XVII век и е еден од ретките целосно сочувани отомански конаци за патници-намерници на Балканот. Со својот специфичен дрвен трем (диванхана) и камениот приземен дел каде некогаш се чувале коњите на трговците, Амир-агиниот хан е вистински архитектонски споменик кој сведочи за времињата кога Нови Пазар бил клучна трговска станица помеѓу Дубровник, Истанбул, Скопје и Солун.
Во градот е и Алтун-алем („џамијата со златниот кубе-врв“) изградена во првата половина на XVI век од Муслихудин Абдул Гани, која се смета за една од најубавите отомански џамии во регионот.
Новопазарската тврдина сместена е во самиот центар на градот, а ја подигнал основачот на градот, Иса-бег Исаковиќ, во XV век. Нејзин најпрепознатлив симбол е Кулата мотрилница (Стара кула), која гордо стои над бедемите и служела за воена одбрана и набљудување на пазарот.
Блиску до тврдината е Иса-беговиот амам, машко и женско купатило со дури 11 куполи изградено веднаш по основањето на градот. Неговите камени фасади и остатоци од отоманскиот водоводен систем покажуваат колку висока била културата на живеење на овие простори пред неколку векови.

Но срцето на Нови пазар е Старата чаршија место каде што времето како да застанало. Тесните калдрмисани улички се опкружени со ниски дрвени куќички и автентични занаетчиски дуќани. Тука сè уште можете да го слушнете звукот на чеканите на старите кујунџии (зографи), да купите рачно изработени предмети или да седнете во некоја од старите кафетерии каде што турското кафе се служи во бакарно ѓезве со локум.
-Во Нови Пазар луѓето живеат во слога и хармонија. Во исто време можете да ги слушнете и ѕвоната од црквата и езанот од џамијата во исто време. И да видите колку луѓето се поддржуваат едни со други и колку се добри тие меѓучовечки, соседски односи — тоа можете да го видите само во Нови Пазар. А во него не сте биле доколку не сте ја вкусиле и гастрономијата.
Нашите новопазарски ќебапи се надалеку познати. Исто така, и пазарските мантии се број еден според мислењето на многу кулинарски, да кажеме, еминентни експерти. Така што, тоа се само две нешта, да не зборуваме за оние домашни специјалитети, за јахнијата, за слатките… Тоа се сè, да кажеме, слатки кои можеби влечат корени од некоја турска кујна, но имаат посебен печат на Нови Пазар, ни раскажа Лилјана Лешевиќ Лукиќ од ТО Нови Пазар..
Во околината на Нови Пазар и природата била дарежлива. Овој крај е богат со термални извори кои се користат за лекување, одмор и регенерација на душата и телото.
Две бањи во неговата непосредна околина се задолжителни попатни станици кои совршено ја надополнуваат приказната за природните убавини на Санџак:
Една е Новопазарска Бања отомански релакс под куполи. Сместена на само неколку километри од градот, Новопазарска Бања е една од највредните и најстарите бањи на Балканот. Ова место дише со историја. Нејзин најголем бисер е стариот турски амам од XVII век, објект со препознатливи куполи, прекрасно сочуван, автентично место каде што термалната вода сè уште извира директно во камените базени.
Оваа бања се вбројува меѓу најуспешните во регионот за лекување на невромускулни заболувања, ревматизам, состојби по скршеници и спортски повреди. Водата е богата со сулфур и достигнува температура и до 52 Ц.
Втората е Рајчиновиќ Бања, природен извор на здравје. Сместена во близина на селото Рајчиновиќ, на патот кон Сјеница, оваа бања е помала, но исклучително популарна меѓу локалното население и патниците-намерници. Позната е по своите

извори на ладна минерална (кисела) вода, која е исклучително богата со железо и други минерали. Оваа вода е позната по своите благотворни дејства врз дигестивниот систем (желудникот и цревата), како и за чистење на бубрезите и уринарните патишта.
Нови Пазар ја должи својата нереална убавина токму на овој баланс: додека погледот ви застанува на отоманските куполи и бањи, во позадина на природата се наѕираат бањи и ридовите со кулите на Ѓурѓеви Ступови.
Тоа е град каде што мирисот на јахнија, мантии и баклави се меша со гостопримството на луѓето кои со векови ги спојуваат овие два света во совршена хармонија.
Оливер Бранковиќ




