дома Македонија Антонио Кошта попладнево на средба со Мицкоски, власта и опозицијата со различни...

Антонио Кошта попладнево на средба со Мицкоски, власта и опозицијата со различни очекувања

Северна Македонија денеска е на агендата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта. Тој попладнево од Тирана ќе допатува во земјава каде, според најавите, ќе има средба со премиерот Христијан Мицкоски.

По тет-а-тет средбата што ќе се одржи во Владата најавена е заедничка прес-конференција во 18:30 часот.

Се очекува Кошта да ја повтори пораката што ја испрати по повод Денот на Европа дека местото на Северна Македонија е во Европската унија но дека земјата мора да ги испочитува и исполни преземените обврски.

Наспроти тоа, Владата барем според изјавите на премиерот Мицкоски и шефот на македонската дипломатија Муцунски, останува на ставот дека нема уставни измени доколку не постои предвидливост и гаранции дека нема да има нови вета и блокади.

– Ќе дискутираме за повеќе прашања, за посветеноста на Владата околу реформската агенда, а сигурно ќе дискутираме и за спорот со Бугарија. Нашите позиции се принципиелни како и досега. Кошта бил проактивен чинител во тој процес, имал неколку обиди да се помогне за да дојдеме до решение и во таа смисла ќе продолжи нашиот дијалог, во рамки на позициите што Владата јасно и транспарентно ги има објавено до овој момент, изјави вчера Муцунски.

Опозициската СДСМ, пак, очекува претседателот на Европскиот совет да испрати порака дека сега е моментот што Македонија не треба да го пропушти.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера на прес-конференција повтори дека уставните измени не се ризик и дека лажна е патриотската реторика на власта.

– Не е точно дека пак ќе имаме блокади, затоа што проширувањето е стратегиска цел на Европската Унија, сега треба да се приклучиме. Мицкоски и Муцунски само ги заплашуваат граѓаните дека ќе ни го земат идентитетот и јазикот. Тоа е лага, исто како што лажеа дека ќе ја подобрат нашата преговарачка позиција кога ќе дојдат на власт, изјави Филипче.

Антонио Кошта е во посета на земјите од Западен Балкан со кои разговара за можностите за проширување, регионалната соработка и безбедноста.

 

 

ПредходнаОбвинителството ќе ја јакне комуникацијата со јавноста за предметите од висок јавен интерес
СледнаМаж во САД убил шест лица, а потоа извршил самоубиство. Полицијата го открила мотивот