дома Култура Пол Макартни и патот кон Галичник – осврт на новиот албум на...

Пол Макартни и патот кон Галичник – осврт на новиот албум на левиот Битлс

Возејќи кон Галичник некаде пред првата патарина ми стигна порака: „Абе, го слушна ли ова – Пол и Ринго снимиле песна?“. Допир на телефонот со десниот показалец се отвара линкот зголемувам гласност и започнува – „Home to Us“. Слушам Ринго пее, па Пол пее и одеднаш Ринго свири тапани. Застанав. Морав да прочитам што е работава не само да слушам.

Пол Макартни има нов албум, насловен „The Boys of Dungeon Lane“, но ќе се излажете ако помислите дека е обичен албум. Се работи за музичка биографија на Пол и веројатно најинтимните стихови што ги напишал во неговата навистина долга и величествена кариера. Во албумот не ги барајте Битлси, иако ги има. Недостасуваат во лириката валканите зборови на Џон, а кај гитарите потврдите рифови на Џорџ. Веројатно во ова отсуство на другарски филтер, Пол си играл со кабаретскиот звук и неговите омилени гудачки сегменти колку што сакал. Албумов во времето кога вештачката интелигенција доминира во светот и во музиката, ни донесе музика што не може да ја направи машина. Ни ја донесе сировоста на Пол Макартни, инструментална каква што поседувал пред да се развие како музичар со Битлси. Не знам како е ова можно ама преслушајте го и ќе ме разберете. Звукот е магичен на секоја песна и толку едноставен што е веројатно совршен.

Нема да ви смета на уво, нема да барате идеално чисти дигитални фреквенции. Овој албумов ја има убавината на демо-албум, а токму тоа го прави историско издание во музичката индустрија иако е стар два дена. Она што според мене е најзначајно претставува фактот што се на изданието е модерно и не звучи како рециклажа туку напротив како иновација. Овие песни се печат на 2026 година и на тоа што претставува Пол Макартни во 2026 година.

Иако според тоа што прочитав албумот е сниман во период од речиси пет години сепак тој е издаден оваа година. Левиот Битлс (нели е левучар) вели дека прифатил силно влијание од продуцентот Ендру Ват (Ози Озборн, „Ролинг Стоунс“ и Иги Поп), кој веројатно во голема мера придонел во тоа да звукот избега од носталгијата на минатото.

Сниман е во различни студија меѓу нив и се разбира неизбежното и легендарно студио „Abbey Road“, а поголемиот дел од инструментите Макартни ги свири сам.

И тука морам повторно да го посочам првиот дует кој што веќе го спомнав со Ринго Стар. Тие двајца на песната пеат заедно. Ринго не е само гостин туку ги свири и тапаните кои како што вели Пол биле инспирација и за аранжманот на песната. Стиховите се патување во детството и сиромашните делови на Ливерпул каде што пораснал Ринго.

Мене лично без разлика на емоциите што ми се појавија од дуетот на Ринго и Пол песната што ме закопа е првата што го отвора албумот – „As You Lie There“. Не знам веќе колку пати ја преслушав и ако ги ставиме настрана зборовите за изгубеното време веројатно тоа што ме залепи за нејзе е фактот што ми звучи како модерна песна, но не направена од Битлси, туку од Дорс. Ова е мој заклучок и доколку на некого му звучи како рокенрол богохулење, баш ми е гајле.

Како за крај веројатно многумина очекувавте дека ќе потенцирам во текстов: „Леле, има толку и толку години и уште прави музика“, ама овој осврт ќе биде банален ако напишам такво нешто.

Годините немаат значење, ама баш никакво. Нула важност имаат годините за овој албум на Пол Макартни. Мене албумов ми звучи како да е почеток на уште поголем албум што допрва доаѓа од него.

Пишува Миле Бошњаковски/  48 casa

ПредходнаВо Кинотека филмски омаж на Анте Поповски по повод 95 години од неговото раѓање
СледнаСо презентација на нови материјални докази, продолжува судењето за пожарот во „Пулс“