Во напад со руски беспилотни летала врз фабрика за храна во област околу украинскиот главен град Киев загинаа четири лица , објави Ројтерс.
Нападот предизвика пожар во административна зграда во просториите на компанијата, а делови од нејзината структура беа уништени, изјави регионалниот гувернер Микола Калашник.
„Непријателот нападна мирно цивилно претпријатие во прехранбената индустрија. Луѓе кои во тоа време едноставно си ја вршеа работата“, нагласи тој на Телеграм.
Седум други лица беа повредени во нападот, а се сомнева дека две лица сè уште се под урнатините , додаде Калашник.
Службите за итни случаи соопштија дека операцијата за пребарување и спасување продолжува на местото на настанот, објавувајќи фотографии од зграда со отворена дупка и пожарникари кои се борат со пламенот.
На една од фотографиите е прикажан знак со името на локален производител на млечни производи кој произведува млечна храна за бебиња.




