Бројот на жртви од земјотресот со јачина од 7,8 степени што ја погоди покраината Сарангани на филипинскиот остров Минданао во понеделник се искачи на 45, со повеќе од 487 повредени лица и 17 исчезнати, соопшти денес Националниот совет за намалување и управување со ризици од катастрофи (NDRRMC).

Филипинските власти соопштија дека повеќе од 33.000 домаќинства, или речиси 150.000 луѓе, биле погодени од земјотресот, а над 41.000 жители биле раселени.
Во однос на материјалната штета, вкупно 238 инфраструктурни објекти, вклучувајќи болници, училишта и мостови, биле оштетени, заедно со речиси 3.000 куќи, објави Ксинхуа.
Агенцијата додаде во соопштение дека земјотресот бил почувствуван низ поголемиот дел од Минданао и делови од централните Филипини, а повеќе од 1.700 последователни потреси се регистрирани од главниот земјотрес.
Операциите за пребарување и спасување во погодените области се уште се во тек.
Филипините се наоѓаат на Тихоокеанскиот „Огнен прстен“, област со интензивна сеизмичка и вулканска активност, што ги прави чести земјотресите и вулканските ерупции.
Архипелагот е погоден од околу 20 тајфуни и тропски бури годишно, што го прави една од земјите најизложени на природни катастрофи во светот.




