Во случај на референдум за пристапување на БиХ во ЕУ, 74,4 проценти од граѓаните, или речиси три четвртини од граѓаните, би гласале за членство.

Влезот во ЕУ би го поддржале 86,1 процент од испитаниците во Федерацијата БиХ, 54,1 процент во Република Српска и 74,7 проценти во округот Брчко. Во споредба со минатата година, бројот на граѓани кои би гласале за пристапување на БиХ во ЕУ се зголемил за 4,5 проценти, додека бројот на оние кои би гласале против се намалил за 5,1 процент.
Ова го покажа редовната годишна анкета на Директоратот за европска интеграција (ДЕИ) во периодот од 23 април до 13 мај оваа година. Анкетата е спроведена со методот CATI, на примерок од 1.200 испитаници, репрезентативни за целата земја.
За мнозинството испитаници, главната причина зошто го поддржуваат влезот на БиХ во ЕУ, во овогодинешното истражување, е тоа што тој претставува гаранција за траен мир и политичка стабилност (38,4 проценти), проследено со зголемена слобода на движење на луѓе, стоки и капитал (34,5 проценти), почитување на законите и прописите (12,9 проценти) и подобрена инфраструктура (осум проценти).
Стравот од зголемени трошоци за живот и даноци продолжува да биде најчеста причина за противење на членството во ЕУ (54,3 проценти), проследено со емиграција на населението (16,1 процент), губење на различноста и културата (12,9 проценти), прекумерна централизација (8,7 проценти) и зголемена бирократија (7,8 проценти).
Стравот од зголемени трошоци за живот и даноци продолжува да биде најчеста причина за противење на членството во ЕУ (54,3 проценти), проследено со емиграција на населението (16,1 процент), губење на различноста и културата (12,9 проценти), прекумерна централизација (8,7 проценти) и зголемена бирократија (7,8 проценти).
За анкетираните граѓани на БиХ, борбата против корупцијата е најважната реформа што треба да се спроведе за да се подобри нивниот секојдневен живот (44,8 проценти), по што следуваат намалување на даночните оптоварувања врз работната сила и отстранување на пречките за вработување (17,2 проценти), реформа на социјалниот систем (15,3 проценти), реформа на судовите и обвинителствата (14,2 проценти) и реформа на јавната администрација (7,7 проценти), објавува сараевскиот портал Кликс.
Како најважна причина зошто ЕУ е заинтересирана за пристапување на БиХ, анкетираните граѓани сè уште ги препознаваат природните ресурси на БиХ (38,1 процент), потоа обезбедувањето мир и стабилност (18,1 процент), професионалните и квалификувани работници (17,9 проценти) и проширувањето на европскиот пазар (17,4 проценти).
Најголем процент од испитаниците (50,1 процент) веруваат дека ЕУ ќе ги зајакне внатрешните односи и ќе продолжи со проширувањето. Најголем број испитаници, 51,2 проценти, веруваат дека европскиот пат на БиХ нема алтернатива, а 33,9 проценти веруваат дека БиХ ќе влезе во ЕУ за најмногу 10 години.
Мнозинството од анкетираните граѓани (49,5 проценти) веруваат дека младите луѓе би имале најголема корист од пристапувањето на БиХ во ЕУ, а застапеноста на ова мислење дополнително се зголеми во споредба со претходните две години. Мнозинството граѓани (65,1 процент) сè уште ја препознаваат ЕУ како најголем донатор на средства за БиХ.
Според анкетираните граѓани, политизацијата на процесот на интеграција е сè уште најголемата пречка за интеграција на БиХ во ЕУ (33,9 проценти). Потоа следуваат неподготвеноста за промени (20,7 проценти), моменталната состојба во ЕУ (17,1 процент), недоволното разбирање на процесот (14,5 проценти) и објективните пречки (12,2 проценти).




