Соединетите Американски Држави планираат значително да го намалат бројот на авиони и воени бродови што ги ставаат на располагање за операциите на НАТО во Европа, според информациите доставени до сојузниците на почетокот на јуни, објави Њујорк Тајмс (NYT), повикувајќи се на европски претставници запознаени со планот.
Според документот презентиран на членовите на Алијансата, се планира бројот на ловци Ф-16 и Ф-15Е да се намали од околу 150 на 100, како и бројот на поморски извидувачки авиони од 26 на 15.

Планот, исто така, вклучува повлекување на сите осум авиони за полнење гориво што беа достапни за операциите на НАТО во Европа.
Планирано е и прераспоредување на подморница за лансирање ракети, носачи на авиони, неколку воени бродови и дел од бомбардерските сили што беа наменети за одбрана на Европа.
Пентагон не сакаше да коментира конкретни бројки од документот, но претходно изјави дека размислува за намалување на воените обврски на европскиот континент, пишува „Њујорк тајмс“.
Европските претставници проценија дека планираните намалувања би можеле да влијаат на способноста на НАТО да спроведува извидувачки мисии, да ги следи руските поморски активности и да изведува напади со долг дострел.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со години инсистира европските членки на НАТО да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана.
Новиот план се смета за најконкретен чекор досега кон намалување на вмешаноста на американската војска во рамките на Алијансата, додава „Њујорк тајмс“.




