Пожарникарите го гаснат пожарот што избувна утрово во трговскиот центар „Енјуб“ во Нов Белград повеќе од два часа и се обидуваат да спречат ширење на пожарот на други згради.
Како што објави репортер на Танјуг, густ чад се насобрал над зградата, а пожарникарите користат кран за да го изгаснат пожарот што го зафатил покривот на зградата.
Улицата е блокирана од двете страни, а полицијата го опколила просторот околу зградата и не дозволува пристап.
Пред зградата се собрале сопственици на продавници кои со неверување ја следеле драмата додека пожарникарите се обидувале да го локализираат огнот.
– Сè изгоре, ова е пекол. Сè беше уништено за неколку моменти – изјавил еден од потресените сопственици за српските медиуми.
Дел од сопствениците чии локали не биле зафатени од пожарот почнале да ја изнесуваат стоката, стравувајќи дека огнот може да се прошири и на останатите делови од трговскиот центар.
Според неофицијални информации, пожарот најпрво избувнал на покривот, а потоа брзо се проширил на поголем дел од објектот.
На терен интервенираат околу 40 пожарникари и 11 цистерни ,кои од раните утрински часови се обидуваат да спречат огнот да зафати соседни објекти.
Густ црн чад се гледал од повеќе делови на Белград, а полицијата го обезбедувала местото и не дозволувала пристап во близина на пожарот.




