Вршителот на должноста амбасадор на Република Северна Македонија во Софија е повикан во бугарското Министерство за надворешни работи (МНР) поради палењето на двата дипломатски автомобили на Амбасадата на Бугарија во Скопје.

Како што соопшти денеска бугарското МНР, заменик-министерот за надворешни работи Христо Полендаков го осуди инцидентот, оценувајќи го како демонстративен чин на агресија без преседан во билатералните односи меѓу двете земји.
Со нападот, како што рече, се доведени во опасност здравјето и животите на вработените во бугарската амбасада во Скопје, како и на граѓаните што во моментот на инцидентот се наоѓале во близина.
Полендаков истакна и дека Бугарија ги зема в предвид реакциите на македонските институции и брзата интервенција на надлежните органи, што довела до приведување на осомничениот сторител.
Сепак, нагласи дека Софија очекува ефикасна истрага и соодветна судска разрешница на случајот.
„Спроведувањето на принципите на владеење на правото и преземањето ефикасни мерки за спречување и борба против злосторствата од омраза се клучни за секоја држава што сака да ја заштити својата европска иднина“,вели тој..
Според него, секој обид за заплашување на Бугарите во Северна Македонија е неприфатлив и дека бугарската држава ќе продолжи да ги користи сите расположливи механизми за нивна заштита.
Обвинителството бара притвор за скопјанецот кој ги опожари возилата пред Бугарската амбасада
Неколку часа по опожарувањето на двете дипломатски возила на амбасадата на Бугарија во Скопје, од Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера попладне соопштија дека е уапсен 44-годишен маж осомничен за инцидентот.Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска информира дека е поведена постапка и побаран притвор за скопјанецот осомничен за кривичното дело предизвикување општа опасност поради палењето на две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје.
Осуда за палењето на возилата вчера стигна од македонските власти и од бугарското Министерството за надворешни работи. Амбасадата на Франција во земјава денеска го осуди вчерашниот инцидент, изразувајќи целосна солидарност со персоналот на Амбасадата на Бугарија.




