дома Македонија Политика Потпишан грант со Светска банка: Започнуваат подготовките за новата гасна централа во...

Потпишан грант со Светска банка: Започнуваат подготовките за новата гасна централа во РЕК Битола од 200 милиони евра

Во Владата на Република Македонија денеска свечено беше потпишан Договор за грант во вредност од 2,4 милиони американски долари помеѓу АД ЕСМ и Светска банка. Со овие средства официјално започнуваат подготвителните активности за реализација на големиот проект за когенеративната централа „РЕК Битола 1“.

На свеченоста, покрај претставниците на Светска банка и АД ЕСМ како директни потписници, присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа.

Министерката за енергетика Сања Божиновска во своето обраќање истакна дека ова потпишување претставува значаен чекор во модернизацијата на македонскиот енергетски сектор и ја потврдува стратешката определба на државата за сигурна енергетска иднина. Таа додаде дека земјава го забрзува развојот на обновливите извори, но дека паралелно мора да се обезбедат и стабилни базни капацитети.

„Денешното потпишување на Договорот е јасна потврда дека Македонија има визија, има план и има партнери кои веруваат во нашата иднина. и постепено го намалува јаглеродниот отпечаток “, изјави Божиновска.

Таа дополнително ја образложи долгорочната стратегија на Министерството, потенцирајќи дека енергетската стабилност нема да биде загрозена во ниту еден момент од транзицијата.

„Нашата визија е јасна – Македонија да стане земја која произведува повеќе домашна енергија и постепено го намалува јаглеродниот отпечаток, но без компромис со енергетската сигурност. Колку повеќе обновливи извори на енергија интегрираме во системот, толку повеќе ни се потребни стабилни и флексибилни базни капацитети кои ќе обезбедат сигурност во снабдувањето. Нашата цел е да изградиме модерен енергетски систем што ќе ги следи европските политики, а истовремено ќе гарантира сигурна и достапна енергија за граѓаните и стопанството“, нагласи министерката Божиновска.

Божиновска појасни дека природниот гас е дефиниран како транзициско гориво во националните стратешки документи за постепена декарбонизација. Новата когенеративна централа во РЕК Битола ќе овозможи современо производство на електрична и топлинска енергија, со значително помалку штетни гасови, што директно ќе влијае на подобрување на квалитетот на воздухот.

„Днеска не го започнуваме само процесот на подготовка на една нова електрана. Денес правиме уште еден важен чекор кон енергетски посилна, поодржлива и поевропска Македонија. Зелената транзиција мора да биде и еколошка и економски одржлива, обезбедувајќи чиста животна средина, сигурни работни места и стабилна енергетска иднина“, изјави министерката.

Проектот за когенеративната централа „РЕК Битола 1“, чија вкупна вредност се проценува на над 200 милиони евра, се смета за една од клучните инвестиции за трансформација на домашната енергетика и исполнување на европските еколошки стандарди.

ПредходнаОбвинителството бара притвор за скопјанецот кој ги опожари возилата пред Бугарската амбасада
СледнаБугарското МНР го повика в.д. амбасадорот на С Македонија во Софија за случајот со палењето на дипломатските возила