Ретко прво издание на романот „Оркански височини“ од Емили Бронте, зачувано во оригиналниот повез на издавачот и содржејќи типографски грешки типични за прво печатење, ќе биде понудено на аукција во Лондон за прв пат по повеќе од еден век , објави Асошиејтед Прес.

Аукциската куќа „Кристи“ соопшти дека ова е првата копија од романот во оригинален платнен повез што се појавила на аукција од 1908 година.
Околу 250 примероци се испечатени од првото издание во 1847 година, а понудениот примерок е дел од приватна библиотека речиси од неговото објавување.
Книгата ќе се продава заедно со првото издание на романот „Агнес Греј“ од сестрата на Емили Бронте, Ан Бронте. Се очекува двата тома да достигнат цена помеѓу 400.000 и 600.000 фунти на аукцијата закажана за 30 јуни во Лондон.
Според Марк Вилтшир, специјалист за ретки книги и ракописи во Кристи, првото издание на „Оркански височини“ било познато по бројните типографски грешки, вклучувајќи го и погрешното пишување на зборот „висини“ на неколку места. Романот бил објавен брзо по успехот на „Џејн Ер“ од Шарлот Бронте.
По објавувањето, делото предизвика контроверзни реакции, а некои критичари го опишаа како шокантно поради неговата темна атмосфера и силни емоционални конфликти. Денес, „Оркански височини“ се смета за едно од највлијателните дела во англиската литература и продолжува да инспирира филмски, музички и уметнички толкувања , пишува и „Асошиејтед Прес“.




