Руската престолнина Москва рано утрово собори десетици дронови и накратко ги прекина летовите на своите аеродроми, соопштија локалните власти, цитирани од Ројтерс.
Ова се случува само неколку дена откако Украина повторно ја нападна единствената рафинерија за нафта во градот.
Речиси 60 дронови насочени кон Москва се соборени, објави градоначалникот Сергеј Собјанин на Телеграм. Тој не даде дополнителни детали, но рече дека службите за итни случаи и спасување се испратени во областите каде што паднале дроновите.
Аеродромите Шереметјево, Домодедово и Внуково, како и аеродромот Жуковски во близина на главниот град , привремено ги прекинаа операциите, но летовите подоцна беа обновени, соопшти одделно рускиот регулатор за воздухопловство.
Градот Севастопол во Крим, анектиран од Русија, ги откажа сите јавни настани на отворено денес и ќе ги остави исклучени уличните светилки, објави гувернерот на градот, Михаил Развожаев, на Телеграм, повикувајќи ги жителите да ја ограничат потрошувачката на електрична енергија.
Крим , популарна туристичка дестинација за Русите, ја суспендираше продажбата на гориво на жителите и бизнисите, ограничувајќи ги испораките за државните агенции одговорни за основните услуги и безбедноста, откако украинските напади со беспилотни летала врз снабдувачките патишта и енергетските постројки на други места доведоа до криза со горивото.




