дома Македонија Економија Ребалансот помина на Влада, буџетскиот дефицит зголемен

Ребалансот помина на Влада, буџетскиот дефицит зголемен

Ребалансот на буџетот помина на владина седница. Во него буџетскиот дефицит ќе се зголеми на 750 милиони евра или за 110 милиони повеќе од претходно. Во него повеќе средства се одвојуваат за министерствата за транспорт и за животна средина.

Зборуваме за дефицит којшто значи развој, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција.

– Особено значајно е што со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции. Капиталните расходи достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари или за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Не зборуваме за дефицит кој финансира тековна потрошувачка, туку за дефицит кој финансира развој рече Димитриеска-Кочоска.

Буџетскиот дефицит и обврските за отплата на долгот во вкупен износ од 76,4 милијарди денари ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување. Притоа, над 54 милијарди денари се наменети за редовно сервисирање на обврските кон странските кредитори, а околу 20 милијарди денари за отплата на домашниот долг.

Приходите, како што тврди министерката, се стабилни. Вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година, а даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари.

– Со ребалансот обезбедуваме стабилност на јавните финансии, но истовремено создаваме простор за повеќе инвестиции, поголема економска активност и поквалитетни услуги за граѓаните. И во услови на глобална неизвесност, остануваме посветени на одговорно управување со јавните средства и поддршка на развојот, рече Димитриеска-Кочоска.

Вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари, во однос на иницијално планираното ниво. Дополнителните средства се насочуваат кон јасно утврдени приоритети – обезбедување средства за земјоделски субвенции, поддршка на железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку социјалните надоместоци, народните кујни и мерките за деинституционализација.

 

 

ПредходнаНенадејно почина градоначалникот на Брвеница
СледнаМицкоски го информирал НАТО за објавувањето дипломатска нота за загрозување на безбедноста на неговото семејство од Бугарија