СДСМ преку соопштение обвини дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски ја довела државата во состојба на зголемен буџетски дефицит и дополнително задолжување, оценувајќи дека најавениот ребаланс на Буџетот е потврда дека државната каса е испразнета.
Од партијата посочуваат дека министерката за финансии Гордана Кочоска признала дека целиот планиран годишен буџетски дефицит е потрошен уште во првите шест месеци од годината, а со ребалансот се предвидува негово дополнително зголемување.
„Ова е директна потврда на она што СДСМ го предупредуваше уште од почетокот на мандатот на оваа Влада“, наведуваат од партијата.
Според СДСМ, економската состојба најдобро се гледа преку намалената куповна моќ на граѓаните, растот на трошоците за живот и сè поголемата неизвесност кај населението.
Од опозициската партија во соопштението тврдат дека, и покрај владините тврдења за економски успеси, буџетскиот дефицит расте, јавниот долг се зголемува, а реформската агенда доцни.
СДСМ наведува дека јавниот долг во изминатите две години е зголемен за повеќе од 2,5 милијарди евра и достигнал околу 11 милијарди евра, обвинувајќи дека средствата не биле искористени за повисоки плати, капитални инвестиции или поддршка на граѓаните и стопанството.
Партијата оценува дека Владата нема јасен план за економски развој, туку политика заснована на нови задолжувања, што, според нив, ќе значи дополнителен товар за граѓаните преку повисоки камати, даноци и поскапи услуги.
Од СДСМ исто така посочуваат дека застојот во евроинтеграциите и, како што велат, изолацијата на државата, придонесуваат за пропуштање на можности за нови инвестиции и економски развој.




