Почина градоначалникот на Општина Брвеница Јовица Илиевски на 58 години.

Веста за смртта на Илиевски, кој беше градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ја објави премиерот Христијан Мицкоски.
– Функцијата ја разбираше како обврска кон граѓаните, а довербата што ја доби ја оправдуваше со работа, со присуство и со резултати. Беше секогаш меѓу луѓето. Ги слушаше, им помагаше и се бореше за нивните потреби. Затоа граѓаните му ја дадоа довербата и за втор мандат. Ќе го паметиме и како голем вљубеник во спортот, човек со силна енергија, искрен пристап и отворено срце, се вели во објавата на Мицкоски.
И градоначалникот на Скопје се прости од неговиот колега.
– Јоцо, сите сме во шок и неверување. Тешко е да се прифати дека повеќе не си меѓу нас, но уште потешко е да се најдат зборови за човек како тебе. Зад себе остави ведар дух, искрена насмевка, човечност и хумана мисија која допре до многу луѓе. Твојата желба да помогнеш, твојата добрина и твојата присутност ќе останат засекогаш во сеќавањата на сите кои те познаваа, напиша Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.




