Македонскиот шоумен, актер и музичар Игор Џамбазов години наназад го посетува Скопје само доколку така налагаат работните обврски: театарски претстави, концерти или снимања. Неговиот „вистински“ дом и мир се во Дојран, каде уредувањето на неговата нова куќа е во завршна фаза.
Со последната објава на социјалните мрежи Игор сподели фотографија директно од прозорецот на својата вила, откривајќи го величествениот поглед кој набрзо ќе му стане секојдневие.
View this post on Instagram
„Уште малку, и ова ќе ми биде секојдневие. Погледот од дневната е величествен. Целото езеро на дланка … таман за пензионерските денови кои доаѓаат … Ар ју хепи фор ми? (Среќни ли сте за мене?)“, напиша Џамбазов под фотографијата.
Куќата се наоѓа во прекрасниот дел на Стар Дојран, а ја проектираше неговата сестра, познатата архитектка Татјана Џамбазова, заедно со нејзината колешка. Короната и одредените животни неорилики малку го забавија процесот околу изградбата, сепак, финалните уредувања се речиси готови.
Игор не крие дека токму крај езерото ја пронашол својата трета младост и мирот кој долго го посакувал. Неговата дневна рутина почнува многу рано, помеѓу 4 и 5 часот наутро, кога има привилегија да го гледа Дојран во неговото најубаво и најмирно издание. Друштво во секојдневието му прави неговата кучка Ферхунде, која ја вдоми минатата година и за која вели дека му ја пополнила самотијата во вистинско време.
На само неколку години пред официјалното пензионирање, Џамбазов ужива во секој момент поминат во неговиот „златен Дојран“, а судејќи по погледот од дневната соба, пензионерските денови ќе му бидат навистина фантастични.




