Европската конфедерација на синдикати (ETUC) ја повика Европската унија да воведе задолжителни, законски пропишани паузи за работниците изложени на екстремна топлина, предупредувајќи на растечките здравствени и безбедносни ризици за време на сè почестите топлотни бранови.

Синдикатот во соопштението наведува дека работниците треба да имаат право на „паузи за ладење“ за време на периоди на високи температури, инспирирани од мерките воведени на Светското првенство во 2026 година, кога фудбалските натпревари беа прекинати за да се заштитат играчите од екстремна топлина, објави „Ле Фигаро“.
Генералната секретарка на ETUC, Естер Линч, оцени дека ваквите мерки покажуваат како екстремните температури можат да влијаат на физичката издржливост и безбедност, но исто така дека истото ниво на заштита треба да им се обезбеди на работниците во различни сектори.
На Светското првенство во 2026 година, ФИФА воведе кратки паузи за време на натпреварите за да им помогне на играчите да се разладат за време на интензивната топлина во Соединетите Американски Држави, Мексико и Канада.
ЕТУК истакнува дека работниците во сектори како што се градежништвото, земјоделството и јавниот транспорт треба да имаат уште посилна заштита, бидејќи се изложени на високи температури подолго и континуирано.
Според податоците што ги цитира синдикатот, ризикот од повреди поврзани со работата се зголемува за околу седум проценти кога температурите надминуваат 30 степени Целзиусови, додека на температури од околу 38 степени се зголемува до 15 проценти.
Апелот доаѓа во време кога Европа е погодена од интензивен топлотен бран, при што се проценува дека 94 милиони луѓе потенцијално се изложени на температури над 35 степени Целзиусови.
Иако поединечните земји-членки на ЕУ имаат свои регулативи за работа на високи температури, Европската унија во моментов нема обврзувачки правила на ниво на целиот блок, само препораки за работодавците да обезбедат дополнителни паузи и заштитни мерки за време на екстремна топлина.




