Со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ вечерва во Домот на поезијата во Струга почна 65-тото издание на најпрестижната поетска манифестација во светот, Струшките вечери на поезијата. Струга повторно стана дом на поети од сите поетски меридијани, испраќајќи порака дека поезијата и денес има моќ да обединува, да инспирира и да го брани човечкото достоинство.

Посакувајќи им топло добредојде во Струга, директорот на НУМ Струшки вечери на поезијата, Никола Кукунеш на свеченото отворање во Домот на поезијата, забележа дека во ерата на дигитална глобализација, соочени сме со нов, тивок, егзистенцијален предизвик и оти големите јазици се сериозна закана за малите.

„Големите јазици, носени на крилјата на технологијата, се сериозна закана за малите јазици, кои водат лавовска битка да си го сочуваат здивот. Со гаснењето на еден мал јазик, не исчезнуваат само неколку илјади зборови од некој речник. Умира еден уникатен начин на кој се набљудува светот. Се брише една уникатна нијанса на залезот, која само на тој јазик може да се именува, испаруваат една специфична тага и една автентична радост. Не верувам дека постои несогласување околу фактот дека малите јазици се чувари на уникатните кодови поврзани со душата кои, доколку исчезнат, ниту еден голем јазик нема да може да ги преведе, замени или надомести“, подвлече Кукунеш.
Според директорот на Струшките вечери на поезијата, јазикот опстојува само доколку секојдневно го живееме, создаваме литература или ја преведуваме, го исполнуваме дигиталниот простор со него, да не остане празно ехо од минатото, туку да пулсира како жив глас во иднината.
„Прометејска е целта на сите нас кои живееме и создаваме во мали јазични средини, да го сочуваме тој пламен и да им го пренесеме на идните поколенија. Ставањето на јазикот во строги рамки, далеку од влијанијата однадвор, не нуди оптимистичка перспектива. Јазикот опстојува само доколку секојдневно го живееме, создаваме литература или ја преведуваме, го исполнуваме дигиталниот простор со него, да не остане празно ехо од минатото, туку да пулсира како жив глас во иднината. И денес, како и во минатите 65 години, сме тука во чест на струшките браќа Димитрија и Константин Миладиновци, на 165 годишнината од излегувањето од печат на „Зборникот“ – капиталното дело на македонската преродба. Повторно сме тука да им се поклониме и да им изразиме најдлабока почит, со завет дека нивното дело нема да му го препуштиме на заборавот. Од нив научивме дека поезијата може да живее насекаде, а од „Струшките вечери на поезијата“ дека Струга е нејзин дом“, додаде Кукунеш.
За поезијата на лауреатот на 65-тите Струшки вечери на поезијата, холандската поетеса Анеке Брасинга заклучи дека ја истражува границата меѓу видливото и невидливото, меѓу секојдневието и тајната што живее зад него.
„Во нејзините стихови зборовите не го опишуваат светот. Тие го преиспитуваат. Не нудат готови одговори, туку отвораат нови хоризонти на мислата. Брасинга припаѓа на оние ретки автори кои успеваат од обичниот миг да создадат чувство на вечност. Нејзината поезија нè потсетува дека човекот не живее единствено во времето што го мери часовникот, туку и во времето што го создаваат спомените, соништата и надежта“, подвлече министерот за култура Зоран Љутков.

Доделувањето на Златниот венец на Анеке Брасинга, според него, носи и дополнителна симболика. Македонија и Холандија со децении градат пријателство засновано врз заемна почит, разбирање и соработка.
„Вечерва тие врски добиваат нов израз во просторот на културата, каде што народите се среќаваат преку своите најдлабоки духовни искуства. Политиката ги обликува односите меѓу државите, но културата ја создава нивната подлабока смисла. Таа создава трајни мостови во просторот на човечкото искуство“, додаде Љутков.

На јубилејните 65-ти Струшки вечери на поезијата, кои годинава се одржуваат под мотото „Каде што живее поезијата“учествуваат околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и странство. Покрај добитничката на „Златен венец“ за 2026 година, Анеке Брасинга од Холандија, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Даниел Хајндс од Обединетото Кралство, учествуваат и еминентни поети од Македонија, Грција, Турција, Мексико, Шпанија, Кина, Италија, Монголија…




