дома Македонија Политика Чекајќи ја правдата продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

Чекајќи ја правдата продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

   Со изведување на материјални докази од Обвинителство, денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Досега, обвинителството презентираше докази за инспекциските надзори за угостителска дејност спроведувани од Општина Кочани. Во доказниот сет беа презентирани извештаи за работа на инспекторите, овластувања на градежни инспектори, како и документација за вршење заеднички инспекциски и теренски надзори.

Воедно, беа презентирани планови за квартални инспекциски контроли, годишни програми и службени документи на Дирекцијата за заштита и спасување, потпишани со името на Шабан Салиу кој од 2012 до 2017 бил директор на институцијата.

На едно од рочиштата беа презентирани и докази за Агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, кои се однесуваа на околности поврзани со обезбедувањето на објектот во кој се наоѓала дискотеката „Пулс”, планот за надзор и обезбедувње, дозвола за работа, листа на вработени, како и доказен материјал обезбеден од извршени претреси во канцеларии и возила.

Претходно, Обвинителството презентираше докази за објектот, неговата сопственост и движење на имот – целокупната фактичка, правна и сопственичка историја на објектот каде се наоѓала дискотеката „Пулс“.

Одбраната реагираше дека дел од доказите се прибавени на незаконит начин и не треба да бидат изведени како докази, како и на самата законитост на прибрани докази.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Засега нема очекувања за брза пресуда и изрекување казни за виновниците. Родителите и поддржувачите  на правото и правдата, од денот на несреќата  до ден денечен речиси секој викенд оддржуваат протести, поворки за сеќавање на нивните изгубени ангели, и барањето правда за нив живите и за загинатите деца.

ПредходнаСудиите на МКС поднесоа тужба против администрацијата на Трамп
СледнаНов дијагностички метод за откривање тумор на Урологија