Бугарската влада постигна договор со швајцарската компанија Литаско со кој ќе се врати целосното снабдување со сурова нафта во рафинеријата Лукоил Нефтохим Бургас почнувајќи од 1 јули.

Владата во Софија оценува дека договорот е важен за зачувување на енергетската безбедност на земјата, со оглед на тоа што рафинеријата игра клучна улога во производството и дистрибуцијата на нафтени производи во Бугарија и регионот на Југоисточна Европа, објави Новините.
Ова беше објавено за време на вонреден брифинг во Советот на министри, по состанокот меѓу бугарскиот премиер Румен Радев и претставници на Литаско и Лукоил.
Потпретседателката на Литаско, Ина Дариус, потврди дека компанијата официјално ги укинала ограничувањата наметнати од швајцарскиот суд.
Таа ги опиша разговорите со бугарската влада како отворени и конструктивни и рече дека компанијата бара долгорочно решение кое ќе ги заштити нејзините деловни интереси, а воедно ќе продолжи да го поддржува енергетскиот сектор на Бугарија.
Договорот доаѓа во време кога рафинеријата е под зголемен надзор на бугарската држава откако американските санкции врз рускиот „Лукоил“ доведоа до промени во менаџментот на компанијата и почеток на процесот на продажба на нејзините бугарски средства.




