Властите во вториот по големина град во Русија, Санкт Петербург и околниот регион Ленинград соопштија дека локалното пристаниште и нафтената инфраструктура биле погодени во масовен украински напад со беспилотни летала во текот на ноќта , објави Ројтерс.
Гувернерот на Санкт Петербург, Александар Беглов, изјави дека градот со околу 6 милиони жители бил подложен на „масовен“ напад со беспилотни летала што го погодил нафтениот терминал во градот. Тој рече дека нема жртви и дека последиците од нападот се под контрола.
Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, изјави дека беспилотни летала го нападнале пристаништето Висоцк , кое се наоѓа околу 170 км северозападно од Санкт Петербург на Финскиот Залив. Пристаништето обработува товари од нафта, жито, јаглен и течен природен гас.
Оваа година, Украина ги засили нападите врз руската енергетска инфраструктура, што доведе до недостиг на гориво во некои делови од Русија.
Санкт Петербург, кој е оддалечен околу 900 км од територијата контролирана од Украина, е цел на периодични напади од страна на украински беспилотни летала. Досега меѓу целите беа нафтениот терминал во градот и воен брод закотвен за време на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург во јуни.
Јужно од Санкт Петербург, гувернерот на Псковската област објави дека повеќе од 30 беспилотни летала биле соборени во текот на ноќта. Тој рече дека имало помала материјална штета и повредени, вклучително и удар врз фабрика во градот Велики Луки.




